На 21 ноември 2025 г./ петок/ од 19.00 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „А“ од Олгица Антовска. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и труизам.
За изложбата текст од сликарот м-р Тони Чатлески
Со овој циклус, авторката нè внесува во едно лирско патување каде водата не е само мотив, туку живо суштество, органска меморија, емоционален простор. Преку специфичните овални и кружни формати, ни се отвара еден нов начин на гледање — како да погледнуваме низ стаклена капка, низ интимен микрокосмос каде светлината и бојата постојано пулсираат, дишат и се движат.
Секоја слика претставува различна состојба на водата: тишината на замрзнатите кристали, вибрациите на невидливите струи, моќта на брановите, како и нежноста на една единствена капка живот. Овие дела не се само визуелно доживување — тие се емотивни огледала кои ја рефлектираат нашата свест за природата, нашата одговорност кон околината и потребата за дијалог со светот што нè опкружува. Изложбата е структуирана во четири поврзани циклуси, кои го следат патот на водата низ различни облици и фази. Тоа патување не е само физичко, туку и духовно — од леснотијата на течната материја, преку кревкоста на стаклените мисли, до експлозивната сила на брановите што создаваат и разоруваат истовремено.
Боите — зелени, тиркизни, сини и млечни тонови — носат мир, длабочина и медитативност. Текстурата е богата, органска, пулсирачка, а формата го нагласува чувството дека водата е тука, непосредна, опиплива. Тенденцијата на авторката да воспостави активна комуникација со гледачот е чувствувана во секој слој на делата. Тие нè повикуваат да застанеме, да се вгледаме, да размислиме — за водата како извор на живот, но и како огледало на нашата колективна свест.
Со најновите дела на Антовска ќе запловиме во овој визуелен океан, ќе го почувствуваме неговиот ритам и самите ќе проговорат. Зашто во оваа изложба водата не е само тема — водата е наратив, емоција, движење и постојана трансформација – м-р. Тони Чатлески – сликар.
За изложбата „A” од авторката
Отсекогаш ме фасцинирала водата и како духовна и визуелна димензија. не само како примарен извор на живот. Изложбата со наслов „А” опфаќа дванаесет дела изработени во комбинирана техника, со специфични димензии и форми.
Основната идеја врз која се темели концептот на водата е нејзината поврзаност со човекот – неговата свест за еколошките проблеми, односот кон околината, полезните и деструктивните сили на водената стихија преточени во една лирска визуелна сензација.
Проектот е структуриран во четири поврзани циклуси, кои претставуваат своевидно движење патување на водата, интегрирана како жив субјект.Тенденцијата на оваа вибрирачка приказна за водата, во сите нејзини облици, е да воспостави активна комуникација со гледачот и да поттикне можни дијалози од уметницата Олгица Антовска
За уметницата
Во 1990 година, Олгица Антовска завршува во Средното училиште за применета уметност, „Лазар Личеноски” Скопје; Во 1995 година дипломира на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј Скопје, на Факултетот за ликовни уметности, на Катедрата за педагогија, во класата на професорката Ана Темкова и професорот Рубенс Корубин.
2001 – Станува член на ДЛУМ.
За време на нејзината кариера како сликар, од 1997 година предава уметност и во СУГС Гимназија „Панче Арсовски”, колеџот „Јахја Кемал“, училиштето за ученици со посебни образовни потреби „Партенија Зографски” Скопје.









