Елизабета Филипоска /новинар/
Преку комедијата „Девојките на Марко“, прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ и одличната актерската екипа: Наташа Ачански, Јасмина Мицовска Станкоска, Марија Спиркоска Илијеска, Лора Штарго, Димитар Ѓоргиевски и Илија Волчески, само потврдија и докажаа дека во Прилеп не е загубен духот на мајтапот, здравиот хумор, шегата и смеата. Публиката ракоплескаше со жар и со восхит, одавајќи им почит актерите за претставата која премиерно се изведе на сцената на ЦК Марко Цепенков, исто како што со жар, енергија, која одамна не е прикажана на прилепската театарска сцена, ја изведоа и актерите, со што ја покажаа сета свој глумечка умешност, и, го потврдија епитетот – најдобар театарски ансамбли во Македонија и пошироко.
Претстава, час и половина, во која никој не зажали за „потрошеното“ време, туку напротив, никој не почувствува дека времето за театар истече толку брзо.
Приказна, која засмева веднаш, со првата сцена, има благ влез во заплетот, и, веднаш станува динамична, со многу смешни сцени и реплики поради сторените ситуации, за потоа расплетот, повторно да донесе хумор и смеа, дури и со последната реплика на актерите во последната сцена, што ја потврди и умешност на режисерот Синиша Евтимов, кој, со право најави дека оваа претстава ќе донесе ведрина, хумор и свежина на прилепскиот театарски репертоар.
Веднаш впечатлив и харизматичен во лик на Војдан, Илија Волчески не само што својата улога ја одигра со актерско мајсторство, маестрално, туку успеа да го претстави целиот свој глумечки опус. Со секој гест и секоја реплика, тој ја внесе душата на сцената, создавајќи атмосфера што ја пренесе публиката во свет на искрена емоција и ненадмината комика. Тој не само што ја потврди својата уметничка зрелост, туку и покажа дека сцената е местото каде што неговиот талент блеска најсилно.Неговито настап беше вистински празник за љубителите на театарот.
Совршен спој на Војдан, беше Марко, или актерот Димитар Ѓоргиевски како главен лик или двигател на драмската динамика. Тој, би рекла, ја надмине границата, пак, на класичната комедија. Неговата актерска игра беше полна со харизма и природност, што му овозможи да нè освои како публиката уште од првиот момент, со секој гест, секоја реплика, акцентирана со различни јазичен говор, внесувајќи енергија која ја држеше претставата во постојан ритам. Особено впечатлива е неговата хемија со останатите ликови. Во интеракција со „девојките на Марко“, тој создаде заплети што ја направи комедијата живописна и полна со изненадувања. Браво за неговата способност да ја балансира комичноста со емотивна длабочина и да ја претвори сцената во простор на вистинска уметничка магија.
Ништо помалку публиката не остана рамнодушна ниту на актерсата изведба на Марија Спиркоска Илијеска, како Марта, куќна помошничка. Таа не само што ја оживеа улогата во која привлечно се вклопуваше, туку ја надгради, и и’ даде нова слиак на претставата со комичните случувања на сцената. Секоја нејзина сцена беше изведена со маестрална контрола, од оние најсуптилните до најексплозивните моменти на хумор. Публиката реагираше со искрен смеа и аплауз, сведочејќи дека Спиркоска Илијеска е актер кој не само што во својот ген го носи хуморот, туку со трудот, работа и енергија кон театарот, таа е веќе станува актер со огромна уметничка моќ.
Стуардесите, или девојките на Марко, актерките; Наташа Ачански, Јасмина Мицовска, Лора Штарго, пак, крајно впечатливо ја искористија својата сценска енергија, внесувајќи дух на живост, и стилски и визуелен, со што ја направи комедијата уште попривлечна. Со нивната игра, тие успеаја да внесат дополнителна доза хумор, но и елеганција, создавајќи баланс меѓу комичната ситуација и сценската естетика. Публиката беше пријатно изненадена од нивната способност да ја оживеат улогата со природност и да ја претворат во вистински сценски бисер,. Нивниот настап не само што ја надополни главната приказна, туку и ја направи комедијата да добие на целост, на ритам и привлечност.
Се на сè, претстава живописна, динамична, ведра и незаборавна. Со „Девојките на Марко“ на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, ансамблот покажа и потврди дека театарот во Прилеп и понатаму е живо место каде што актерскиот талент, страст и хумор не недостасуваа, напротив, живеат споени во едно, преку свежината која ја носи новата актерска енергија, оставајќи ја притоа публиката со чувство на исполнетост и радост. Има ли поубава награда за театарска од тоа?!









