Вештачкото езеро, гордост на прилепчани и омилено место за прошетки и одмор, денеска повторно е сцена на човечка негрижа. И, покрај вчерашната еко-акција во која волонтери, ученици и граѓани со љубов и посветеност го чистеа просторот околу езерото, утрово повторно беа забележани расфрлани пластични шишиња, кеси, остатоци од храна и друг отпад. Овој контраст меѓу совесноста и немарноста ја отсликува реалноста во која живееме! Додека едни веруваат во еколошката свест и вложуваат труд за почиста животна средина, други со своето однесување ја поткопуваат таа заложба.
„Не чистиме за да се сликаме, туку за да живееме подобро,“ „Но, кога ќе се вратиме по неколку дена и ќе видиме дека сè е повторно исто, се прашуваме дали навистина вреди, изјави вчера една од волонтерките која учествуваше во акцијата,како да знаеше дека ова ќе се случи.“
Ова не е изолиран случај. Слични сцени се повторуваат по секоја акција за чистење, што укажува на длабок проблем – недостаток на еколошка култура и одговорност кај дел од граѓаните. Иако, постојат закони за казнување на загадувачите, нивната примена е ретка, а контролата речиси непостоечка. „Време е за системски пристап“,рече вчера градоначалникот на Прилеп, Дејан Продноски и најави донесување на правилник за комунален ред и освежување на Правилникот кој што го има градот со поригорозни мерки. “ Имаме 69 илјади жители во општина Прилеп не може Комуналец да има 69 илјади вработени да оди по секој еден од нас и да го собира она што го растураме. Си има закони кои треба да се почитуваат и да, треба подобрување во работата на ЈКП Комуналец..“, рече тој
Но, потребни се не само казни, туку и континуирана едукација, инфраструктура за отпад и, пред сè, лична одговорност. Природата не е депонија, а Вештачкото езеро не заслужува да биде жртва на човечката негрижа.
Сè додека не сфатиме дека секое фрлено шише е удар врз нашето здравје и иднина, ќе останеме заробени во овој маѓепсан круг на чистење и повторно загадување.









