На 20тина локации во градот и во околината денеска Прилеп во голема еколошка акција за почиста и здрава животна средина. Над илјада граѓани доброволно вклучени на терен во организација на Општина Прилеп и ЈКП Комуналец.
–
Учествуваат и општествено одговорните претпријатија со нивната механизација се чистат дивите депонии и она што го најавувме и порано еве се случува – генерално чистење на градот и треба да продолжи како традиција. Но, за старт сум охрабрен дека и понатаму треба да организираме вакви акции кои што би значеле почиста и поубава животна средина, рече Дејан Проданоски, градоначалник на општина Прилеп.
Во догледно време каде што се чисти треба да никнат и паркови. Тоа е идејата на акцијата за чист Прилеп. На локацијата кај селото Волково планирана е изградба на еден од парковите.
– Затоа овде е администрацијата на Локалната самоуправа. На 30 илјади метри квадратни би се наоѓал парк во близина на селото Волково и на вештачката акумулација. Токму тоа беше симболиката – да исчистиме, па да направиме катче за рекреација. А со тоа да дадеме пример дека овие простори околу градов, излетнички места, места за пешачење, за движење, за рекреација треба да бидат чисти и да бидат пријатни кога се движиме низ нив, а паралелно со тоа и да ја подигаме свеста, додаде Проданоски.
Вклучени се ученици од сите основни и средни училишта, од невладините организации, граѓани кои сами се организираа …
–
Прво е дека треба да ја подигаме свеста тоа што денес го правиме. Второ дека јавните претпријатија да ги подигнеме на едно повисоко ниво за да можат да испорача одржување на јавните површини, посериозно, со зголемена механизација, со унапредување на процесот на нивната работа.Понатаму системот на присила, но мора и тоа да го воведеме бидејќи кај некои граѓани навистина треба поразличен третман за да се врати нивниот дух, да престанат да фрлаат отпад каде ќе стигнат. Планираме да направиме на определени локации каде што природно станале депонии, па од таму да биде поедноставно, неколку пункта да има јавното претпријатие за да ги чисти. Значи би одело во 3 насоки и она што го ветивме во програмата за поставување на видео надзор на клучни позиции во градот и до година би имале конкретен проект за да се реализира, посочи Проданоски.
По примерот на други општини конкретни мерки за сузбивање на неконтролираното фрлање на отпад планира и Општина Прилеп.
– Размислуваме за донесување на правилник за комунален ред, освежување на Правилникот кој што го имаме и со поригорозни мерки. Имаме 69 илјади жители во општина Прилеп не може Комуналец да има 69 илјади вработени да оди по секој еден од нас и да го собира она што го растураме. Си има закони кои треба да се почитуваат и да, треба подобрување во работата на ЈКП Комуналец.
Општина Прилеп по територија најголемата општина во Македонија, а има само еден Инспектор за животна средина.
– Имам редовни, вонредни и инцидентни надзори. Одлагањето на отпадот вообичаено се врши во попладневните часови кога јас не сум на работа, а по Законот за јавна чистота може да постапува и полицијата. Како единка, јас не би можела сама да направам многу, затоа што сум еден човек кој има премногу обврски.Секако дека треба да се изрекуваат казни. За да изречиме казни, потребно е – за физички лица да се фати во моментот кога го истура ѓубрето и да се легитимира, па да се изречи казна, рече Цветанка Николоска, инспектор за животна средина.
Прилеп денеска мобилизиран за генерално чистење на градот и околината. Убавото време помогна за успешна акција која, се покажа дека треба да се востанови на редовна основа, а за почист град и општина во најголема мерка треба да се подигне свеста кај сите нас било тоа да е со милост или со присилни мерки, повисоки и поригорозни казни.









