На 18 ти ноември, вторник, Тутунски Комбинат на 34 пунктови и 37 ваги почнува со откуп на договорените количини од 2 милиони и 300 илјади кгр. ориентален тутун. Средствата за исплата се обезбедени. Цените договорени во март се највисоки досега, а доколку има корекции за повисоки цени, Комбинатот ретроактивно ќе ги исплаќа.
„Имаме обезбедено доволно финансиски средства за тие количини. Планираме да ги откупиме во целост договорените количини и оваа година. Ланска година откупивме 1 милиони и 800 милиони килограми,. Годинава имаме едно добро зголемување на договорените количини за 35%, што значи дека планираме да откупиме над 2 милиони и 300 милиони килограми. Цените на Тутунски Комбинат се дефинирани уште во март месец, така што имаме едни од највисоките до сега прикажани цени: 420 денари за прва класа, 360 денари за втора и 300 денари за трета класа. Првата класа е зголемена за 5%, втората класа е зголемена за 10% и исто така и третата класа е зголемена за 10% во споредба со ланската година,“ рече Александар Алексовски, генерален директор на Тутунски Комбинат АД Прилеп.
Според анализите на Комбинатот понудата од квалитетен македонски ориентален тутун годинава тежи околу 24 милиони килограми кој што е соодветно обработен и ферментиран. Во однос на начинот на проценка, Алексовски посочува дека треба да се врати ценењето на класи ако Македонија сака да го задржи високото реноме на светскиот пазар.
„Купувањето на класи е според мене една од мерките за да се одржи квалитетот на тутун од ова поднебје. Бидејќи, треба да се награди и соодветно да се проценува, тој што е добар производител и лош производител на тутун, за да не си направиме дополнителни проблеми во иднина и да го уништиме самото тутунопроизводство,“ посочи Алексовски .
Дека Тутунски Комбинат АД Прилеп е на вистинската патека по нагорна линија – годинава прикажа оперативна добивка. Позитивни резултати се регистрирани и во производството на цигари.
„Ланската година, кога ние дојдовме во Тутунски комбинат, во тој период, во месец ноември, веќе имаше прокнижена оперативна загуба од 117 милиони денари. Ние во овај период, остваруваме не голема, ама сепак оперативна добивка од милион денари. Што значи во целост ние сме ја надокнадиле ланската загуба од 117 милиони денари. Немаме заостанат тутун од ланската година, се’ што имавме на залиха од страна на тутун, се преработи, се продаде во рекорден период. До септември нашите магацини беа испразнети.Што е многу позитивна работа, бидејќи, се’ што беше позајмено од страна на парични средства за откуп на тутун, беше навремено сервисирано и не трошевме пари за дополнителни камати и така натаму. Тековнава година, остваруваме зголемено производство на цигари, во однос на ланската година имаме зголемување во производството од 35%, што е многу позитивно за нас како компанија. Тоа е придонесува во еден дел за намалување на оперативната загуба, во однос на минатата година. А и не само тоа, значи, се докажуваме како содветен партнер на Филип Морис, што би не’ наградил со дополнителни количини на производство на цигари,“ објаснува Алексовски.
Во Комбинатот 360 вработени успешно ги сервисираат сите потреби на компанијата. Не се планира наредната година драстично зголемување на бројот на работно ангажирани во очекување на продолжување на договорот за стратешко партнерство со Филип Морис. Динамиката на тој процес била успорена заради локалните избори. Се очекува преговорите наскоро да продолжат по потпишаниот таканаречен Договор за доверливост (НДА). Според Алексовски може да очекува Договорот за стратешко партнерство со Филип Морис за период од наредни 10 години да биде потпишан во првата половина на наредната година.









