По мотиви на книгата „Девојките на Марко“ од авторката Оливера Николова е новиот проект на драмската секција „Слободно театарче“ при СОУ „Ѓорче Петров“ Прилеп креираше долгометражен филм. „Девојките на Марко“ е реализаран под менторство на проф. Билјана Тинтоска и режија на Филип Стојаноски.
Улогите ги толкуваат: Тоше Тодороски, Филип Сотиров, Марко Стојаноски, Исидора Николоска, Филип Стојаноски, Марија Стеваноска, Марија Котева, Тамара Димитриеска, Викторија Костадиноска, Ивана Ангелеска, Марта Шаркоска, Саша Бошков. Техничката поддршка е на Вилијам Спиркоски и Сара Павлоска и Михаил Тркалески, во продукција на Дамјан Аврамоски.
Најновото дело на аматерската драмска секција говори за човечките вредности, за пријателството, за среќата, за предизвиците во младоста. Филмот се навраќа и потсетува на вистинските вредности, но е прилагоден на сегашните предизвици, брзото темпо на живот и современите технологии исполнет со комични ситуации и смеа.
Бидејќи испраќа длабоко човечки позитивни пораки филмот ќе биде прикажуван и во основните училишта доколку за тоа пројават интерес, уште повеќе што истоимената книга „Девојките на Марко“ е дел од лектирните изданија за основците.
Премиерата е закажана за 18.06.2026, четврток во големата сала на ЦК Марко Цепенков. Салата за првата проекција е веќе распродадена !
Средствата од влезниците по цена од 150 денари се наменети во хуманитарни цели.
Проекцијата на филмот „Девојките на Марко“ е последна во низата настани на СОУ Ѓорче Петров кои што се случија во изминатава учебна година и кои ја одбележаа. Тоа е еден од многуте проекти на драмската секција која што под менторство на професорката Билјана Тинтоска работи 27 години. „Досега сме имале многу театарски претстави и пократки филмови, а овој е прв долгометражен филм во кој што ќе дојде до израз талентот на нашите ученици, работата на нашата колешка Билјана Тинтоска и нејзиниот соработник, инаку наш поранешен ученик Филип Стојаноски. Вон наставните активности и проектите, изгледот на училиштето, наставниот и административно-технички кадар помага за промоција на училиштето што придонесува да имаме интерес за упис на нови средношколци во нашето училиште во сите струки и профили,“ рече Жанета Видеска, директор на СОУ Ѓорче Петров Прилеп.
Зошто долгометражен филм од драмската секција препознатлива по бројните театарски претстави изминативе 27 години?
Целиот процес започнал во октомври минатата година, но во отсуство на театарска сцена за подготовка на претстава, протагонистите од „Слободно театарче“ се одлучиле на долгометражен филм, во чие што креирање учествува целата екипа потпомогната од прилепски фирми. Филмот е снимен во Прилеп, а идејата е да се поттикнат истиснатите вредности како што е почитта, чесноста, духовното пред материјалното, семејството, пријателството…
Во Прилеп се снимени сите сцени…
„Затоа што Прилеп е нашиот град, градот во којшто сме родени и израснати, а и сметам дека треба да биде промовиран како место каде што може да се одвива еден нормален живот преку тоа што е промовирано семејството, пријателството, значи тој секојдневен живот којшто ние како млади го живееме овде и мислам дека преку тој филм младината посебно ќе види дека утре и други дека и не е толку лошо да се остане овде и да се биде дел од ова општество за да се промени ова општество и да се направи подобро. Исто така и вредностите се она што е тематика во филмот. Колку е тоа важно еве да се навратиме на одредени вредности што биле актуелни пред 20 или 30 години. Ние се потрудивме овој модерен живот да го споиме со тој од минатото. Тука се и внесени елементи на вредностите коишто денес полека се губат преку технологијата, преку социјалните мрежи… Има многу вредности коишто од минатото се загубени. На пример не се пишуваат писманца може сепак да се искористи некој таков романтичарски момент којшто е сега загубен којшто многумина не го практикуваат, а кај многу девојки млади девојки тоа може да а биде предизвик за причина за радост и за пеперутки во стомакот,“ рече Исидора Николоска, ученичка, актерка во филмот.
Филмот ја поттикнува свеста на луѓето која што во нив длабоко тлее …
„Овој филм кој го припремивме со голем труд кој секој го вложи максималното од себе а резултираше со тоа да се распродаде цела сала на наше големо изненадување мислам и големо задоволство. Се надеваме дека ќе има многу позитивни коментари заради тоа што филмот ја поттикнува свеста на луѓето којашто во нив а длабоко тлее и ги покажува вистинските вредности дека тоа што сега за жал не изобилува бидејќи материјалното преовладува кај секого, а има нешто и поважно од тоа, вели Тоше Тодороски,“ ученик и актер.









