Прва самостојна изложба „Маркукуле – живо” на Ивана Темелкоска во Цепенков

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

На 15 Мај 2026г./петок/ од 20.00 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата на фотографии „Маркукуле – живо” од  Ивана Темелкоска.

 Ова е нејзина прва самостојна изложба, поддржана од Министерството за култура и туризам.

„Маркукуле — живо“ претставува фотографски запис на еден ист простор низ различни времиња, состојби и атмосфери, создаден како процес на долгорочно и внимателно набљудување.

За изложбата:

Постојат места коишто ги носиме во видното поле толку долго, што на крај престануваме да ги гледаме. Маркукуле е токму такво место – рид длабоко всаден во секојдневието на Прилеп, толку познат, толку секогаш присутен, па затоа и речиси невидлив. Ивана Темелкоска го врати погледот кон него – и со тоа, и нашиот.

Фотографската серија „Маркукуле – живо” се роди во една ретко плодна тишина: онаа на пандемискиот карантин. Во времето кога светот се стесни на четири ѕида, кога единствената врска со надворешноста стана прозорецот, Темелкоска го насочи објективот кон она што се гледаше низ прозорецот. Истиот рид. Секој ден. Фотографирано со трпение, со будност, со она особено внимание кое може да произлезе само од такви ситуации, кога бараме излез, спас од грдото пандемиско секојдневие.  Резултатот е визуелен дневник со готово медитативен карактер. Серијата не е изградена врз однапред дефиниран концепт или формална теза – таа расте органски, кадар по кадар, ден по ден. Токму во таа спонтаност лежи нејзината сила. Темелкоска не фотографира со цел да „докаже” нешто – таа фотографира за да присуствува. Камерата овде функционира не само како алатка за снимање, туку и како алатка за будење – начин да се излезе од сопствената глава и вистински да се биде тука, во моментот. Фотографијата како автотерапија.

Иако ридот останува ист, ниту една фотографија не е иста. Светлината в зори не е иста со светлината на пладне или приквечер. Облаците на есен не се облаците во зима. Маркукуле живее во промените коишто, ако не обрнуваме внимание, едноставно ги пропуштаме. Авторката го прави очигледно она коешто секогаш таму е присутно: дека непроменливото, всушност, никогаш не мирува.

Темелкоска доаѓа од специфично творечко вкрстување – дипломиран филолог по руски јазик и книжевност, со осумгодишна кариера во графичкиот дизајн, и со фотографија длабоко вкоренета уште од детството, кога ги „крадеше“ тајните на фотографијата со поглед преку рамото на татко си во тeмната комора и хемикалиите за обработка на црно – бели фотографии. Таа интимна врска со медиумот е длабоко видлива во овие кадри. Тука нема студена дистанца на набљудувач – тука има блискост, имагинација, скоро семејна нежност кон еден рид.

„Маркукуле – живо” е изложба која од вас не бара многу – само да застанете и да гледате. А она со коешто ќе ве награди е наизглед обично, а всушност ретко: потсетување дека убавината не е некаде другаде. Таа го менува лицето секој ден, токму пред нашиот прозорец, а сега и пред вашите очи. (Драги Неделчевски, Тетово, мај 2026)

За уметницата:

Ивана Темелкоска (1989) е дипломиран филолог по руски јазик и книжевност, но веќе осум години професионално работи како графички дизајнер во агенција за дигитален маркетинг. Активно се занимава со визуелна уметност, а фотографијата е медиумот што во последните години доминира во нејзината работа. Со фотографија се занимава уште од детството, најпрво низ игра и љубопитност инспирирани од професијата и пасијата на нејзиниот татко. Со текот на времето, фотографијата за неа прераснува во начин на доживување на светот и обид барем за миг да се задржи она што постојано ни се лизга низ прсти. Низ објективот учи повнимателно да гледа, да биде присутна и да ја прифати минливоста како дел од убавината на животот. За неа, фотографијата е истовремено и чин на сведочење и пуштање на моментите да продолжат понатаму, со сознанието дека некаде сепак останале зачувани. Проектот „Маркукуле — живо“ започнува за време на пандемијата, во период кога погледот низ прозорецот беше еден од ретките допири со надворешниот свет и природата. Набљудувајќи го секојдневно истиот пејсаж, авторката ги бележи неговите постојани промени — светлината, атмосферата и особено облаците, кои се еден од главните визуелни мотиви во серијата.

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Кои се 10 -те топ фирми во Прилеп кои 2025 оствариле најголема добивка?!

Мермерот и тутунот доминираат, клучни генератори на прилепската економија се гигантите „Витаминка“ и „Прилепска пиварница“, но минатата година и дурги прилепски фирми се најдоа на скалилото на успешни, и станаа дел од групата наjпрофитабилни фирми во реалтивно разновидната индустрија во Прилеп. Според податоците од порталот Фактор.мк, финансиското друштво Цемак –...

Екипата во фудсал на „Ричко“ е четвртфиналист на Европското во футсал со реми над Белгија

Македонија е четвртфиналист на Европското во футсал, со момците од  СОУ „Ристе Ристески Ричко“ – Прилеп, кои ја преставуваат Македонија како државен првак во футсал првенството за средношколци, што се одржува во Бања Лука. Попладнево , како втор натпревар денеска, Македонија се пласираше во четвртфиналето на Европското првенство во футсал...

21 годишен прилепчанец е тешко повреден по напад со остар предмет на Бит Пазар – Скопје

Синоќа, ранот утрото,  околу 03:00 часот, во СВР Скопје било пријавено од Ургентниот центар „Мајка Тереза“ дека кај нив е донесено повредено лице, информираат од МВР. Оттаму, било пријавено дека  момче било физички нападнато од непознато машко лице  кое во текот на нападот употребил остар предмет. Станува збор за 21-годишниот...