Храмот „Света Петка“ распишува божикен награден конкурс 2025

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Храмот „Света Преподобна маченица Параскева (Петка) Римјанка“ во населбата Точила, Прилеп, поттикнат од големиот интерес од минатата година, по втор пат го распишува БОЖИКНИОТ НАГРАДЕН КОНКУРС за литературна и ликовна уметност на кој право на учество имаат учениците од основните училишта во Општина Прилеп. Празничниот конкурс е можност основците да го изразат својот талент преку збор и боја, и да го почувствуваат Божикниот дух преку создавање.
ЦЕЛТА НА КОНКУРСОТ е приближување на празникот до срцата на децата, нивно обединување во радоста на Рождеството и да се промовираат важни вредности преку творештвото. Конкурсот носи и воспитно-образовен карактер, поттикнувајќи ги младите да се изразат преку уметност и да го развиваат својот креативен потенцијал.
ТЕМА: „Рождество Христово – Божикната радост во нашиот дом“
– Учесниците можат да творат за моментите поврзани со рождеството Христово или да го насочат вниманието кон семејните вредности и топлината на Божикните празници и да ја претстават радоста на Божикните моменти дома со своите најблиски.
Учесниците ќе се натпреваруваат во две категории: литературна и ликовна уметност, поделени по одделенија:
– I категорија: Од 1-во до 5-то одделение
– II категорија: Од 6-то до 9-то одделение
УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО:
– ЛИТЕРАТУРНА КАТЕГОРИЈА – Пријавените можат да создадат проза или поезија (само една творба) до две страници во А4 формат, со фонт 12.
– ЛИКОВНА КАТЕГОРИЈА – Пријавените можат да подготват цртеж на блок бр. 4 или 5.
Конкурсот трае од 18 ноември до 18 декември 2024. Творбите треба да бидат потпишани со име, презиме, училиште, одделение, име на менторот (ако има), адреса на живеење и контакт телефон. Творбитете треба да се достават ИСКЛУЧИВО ВО ХРАМОТ.
ОЦЕНУВАЊЕ И НАГРАДИ:
Творбите ќе ги оцени стручно жири во состав:
– Блага Тутеска, наставник по македонски јазик во пензија и поетеса
– Павлинче Чочкова, наставник по македонски јазик во пензија
– М-р Александар Џинго, професор по ликовно образование
– Елена Димоска, наставник по ликовно образование
– Протоереј Љупче Петрески, старешина на храм Св. Петка
Во секоја поткатегорија ќе бидат избрани победници на прво, второ и трето место.
СВЕЧЕНО ДОДЕЛУВАЊЕ НА НАГРАДИТЕ
На Бадник, по утринската богослужба (11:00 ч), ќе се одржи свеченото прогласување и доделување на наградите, пропратено со духовна и културно-уметничка програма. Сите учесници со нивните ментори ќе добијат пофалници и награди, а првонаградените ќе добијат дипломи и предметни или парични награди. На платото пред храмот ќе бидат изложени сите дела, а победниците во литературната категорија ќе ги прочитаат своите творби пред присутните.
Организаторот, храм „Св. Петка“, го задржува правото да објави дел или сите творби на својата фејсбук страница: Храм Света Петка Прилеп, како и фотографии од доделувањето на наградите на Бадник.

Со овој конкурс се надеваме дека ќе го поттикнеме развојот на креативните способности кај младите, негувајќи ја љубовта кон литературата и ликовната уметност, и со тоа ќе придонесеме кон градење на вредности кои ќе ги следат и во иднина. Се радуваме на вашето учество и ве охрабруваме да го изразите вашиот творечки дух! Божикната радост нека биде вашата инспирација! Бог нека ве благослови и инспирира! Со почит, В.д. старешина на храм Св. Петка Протоереј Љупче Петрески

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

В четврток, по шести пат „Љубење со стихови“ во Прилеп

В черврток на 13 ноември, од 19.30  часот во фоајето на Центарот за култура  „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе се одржи шестото издание на поетско-музичкиот  перформанс „Љубење со стихови“ на поетот Филип Димкоски и поетесата Лина Димоска. Како и во претходните изданија, поетите ќе рецитираат дел од песните кои го...

„Храбриот нов театар“ – мото на јубилејното 60 издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп

Театарот сам по себе треба да е став, гласен, надвор од секоја кутија, од секоја комфор-зона. Затоа и мотото е тоа: Храбриот нов театар! Или Надвор од кутијата! Или ако одиме уште поактивно – Театар без молк – свет без рамнодушност! Како сериозен театарски фестивал, не смееме да дозволиме општата...

Џабе апелите од МВР да се вози внимателно – Возел 104 км/час на место ограничено на 50 км/час

На улицата „Карпалак“ во Прилеп несовесен возач во саботата попладне возел со неверојатни 104 километри на час, на место каде што ограничувањето на брзината е 50 км/час, извести прилепската полиција. Неодамна МВР упати апел до граѓаните да возат внимателно, затоа што стапката на смртност во сообраќајни несреќи во Македонија е...