Во духот на традицијата, историјата и културното наследство, Општина Прилеп и оваа година ја организира манифестацијата „Денови на Крали Марко“, посветена на легендарниот јунак Крал Марко, симбол на храброста, правдата и непокорот.
Како дел од програмата, оваа година посебен акцент привлекува концертот на култната македонска група Мизар, кој ќе се одржи во недела, 17 мај 2026 година, во Амфитеатарот во Варош, со почеток во 20:00 часот.
Публиката ќе има можност да ужива во специјално подготвена „best of“ програма, со која бендот ќе го одбележи својот 45-годишен јубилеј. Мизар ќе се претстави со избор на најзначајните композиции од својот богат опус, кој низ децении остави силен белег на македонската музичка сцена и култура.
Меѓу песните што се очекува да бидат изведени се дел од нивните најпознати теми како „Градот е нем“, „Магла“, „Униније“, „Дождот“, „Константинопол“ и многу други, кои се дел од музичкото наследство на бендот и генерации слушатели.









