Со Регионалната депонија во Новаци ќе се решава проблемот со дивите депонии во Пелагонија

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Во тек се подготовките за изградба на Регионалниот центар за управување со отпад, кој ќе се гради во општина Новаци и ќе опслужува околу 350.000 жители од  Пелагонискиот и Југозападниот регион во 18 општини. За таа цел се дистрибуираат канти за селекција на отпад, додека јавните комунални претпријатија ќе бидат опремени со нови камиони за поефикасно собирање и транспорт.

Планирано е центарот да вклучува една централна депонија, четири претоварни станици и повеќе собирни центри, со што ќе се воспостави современ систем за управување со отпад. Клучна цел на проектот е затворање на 16 постојни депонии кои во моментов функционираат без никакви стандарди и претставуваат сериозен ризик за животната средина. Ова меѓу другото беше посочено на Регионалниот форум за управување со отпад одржан во Скопје, а на кој што учествуваше и градоначалникот на Прилеп Дејан Проданоски.

„Како локална самоуправа, активно сме вклучени во овие процеси преку Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад, а напредокот веќе е видлив преку реализацијата на локалните акциски планови.  Посебен фокус во наредниот период ќе биде ставен на изработката на новиот Регионален план за управување со отпад (2027–2032), кој ќе овозможи подобра координација, поефикасно користење на ресурсите и постепено воспоставување на модерен систем кој ќе обезбеди поквалитетни услуги и почиста животна средина за сите граѓани,“ посочи градоначалникот Проданоски.

Заменик-министерката за животна средина Ане Лашкоска најави дека до крајот на 2026 година комуналните претпријатија ќе бидат целосно опремени со потребните возила, што ќе создаде услови за имплементација на новиот систем.

Проектот веќе има обезбедено финансиска поддршка преку заем од Европска банка за обнова и развој, како и грантови од Шведска и Швајцарија. Воедно е формиран и меѓуопштински одбор во кој учествуваат сите 18 општини, а во следната фаза треба да се формира и регионално комунално претпријатие.

Според надлежните, дистрибуцијата на кантите веќе е започната, при што домаќинствата ќе добијат садови во различни бои за селекција на отпад. До изградбата на центарот, селектираните материјали како пластика и метал ќе се предаваат директно на компании за рециклирање.

Општина Новаци е избрана како најсоодветна локација поради економските и просторните услови, особено имајќи предвид дека во близина се наоѓа РЕК Битола и постојат значителни површини деградирана почва.

 

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Пролетна акција на ЈКП Комуналец со поддршка на Витаминка за разубавување на Прилеп

На улицата „Прилепски бранители“, на потегот од семафорите до кружниот тек кај Здравствен дом од двете страни на улицата , се реализираше акцијата за засадување на зимзелени, украсни и грмушкести растенија. Засадувањето го спроведе ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, во соработка со Локалната самоуправа и ПИ Витаминка, која годинава прославува 70...

Едукативна претстава за најмладите за безбеденост во сообраќајот, а Прилеп со стратегија за сообраќајно побезбеден град

Преку забавен, едукативен пристап, со  детска претстава, насловена „Застани, погледни, па на пешачки премини“, околу 600 првачиња од Прилеп и Крвогаштани учеа за основните правила за безбедно однесување во сообраќајот, за безбедност на пат до училиште, за тоа како да бидат внимателни и одговорни како пешаци или велосипедисти, но  и...

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат од полноќ

Малопродажната цена на дизелот од ноќеска на полноќ се намалува за 2,50 денара за литар, а на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 2,00 денара за литар. Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на се намалува за 1,00 денар за литар, соопшти Регулаторната комисија за...