Професорката по македонски јазик и литература Билјана Тинтоска на 28 април, во 18:30ч., во холот на СОУ„Ѓорче Петров“ Прилеп, ќе одржи промоција на новата збирка раскази „Момина солза“. Новото шесто по ред дело на Тинтоска е збирка од деветнаесет раскази со разна тематика, базирана на искуството и лично и општочовечко, проблеми, искушенија, препреки, но и радости со кои сите секојдневно се среќаваме и се бориме, соочувајќи се со животот.
Промоцијата е посветена на учениците матуранти кои авторката, како професор по македонски јазик и литература, ги води и ќе ги испрати во животот, со пораки кои ќе им обезбедат квалитетна иднина.
Творештвото на Билјана Тинтоска е фокусирано на хуманитарни и емотивни теми, често инспирирани од реалниот живот и нејзината работа со млади. Таа е автор на романите „Каде што реката го бакнува небото“, „Ангел во тело“, „Синфонија“, „Овде или во вечноста“ и збирката раскази „Работилница за живот“ . Таа воедно е ментор на училишната драмска секција „Слободно театарче“, каде што со своите ученици работи на популаризација на литературата и сценската уметност.









