На 18 јануари се слави празникот Водокрст. Во Светата Црква се воспева силата и моќта на Крстот. Се врши крштевање на водата и таа со силата на Светиот Дух добива лековита моќ. Водокрст е еден од најзначајните празници во христијанскиот календар, кој се поврзува со крштевањето на Исус Христос во реката Јордан. Овој ден има длабока духовна симболика и се смета за празник на прочистување, вера и духовно обновување. Празникот е познат под имињата Водокрштение и Водокрст или Водопост, како ден на строг пост, во кој се пости само на вода (освен во саботите и неделите).
Денот Водокрст, пред Богојавление (Водици) има важно место во животот на нашиот народ.
Во очекување на големиот празник народот изведувал многу обичаи кои се поврзани со крстот и осветувањето на водата, но и со обезбедување плодородие во годината што следува.
Водокрст е означен како строг пост, што значи дека верниците се воздржуваат од мрсна храна и се насочуваат кон молитва, тишина и смиреност. Постот не е само телесно воздржување, туку и повик за духовна чистота, покајание и добри мисли, со цел човекот да се доближи до верата и до вистинските христијански вредности.
Во храмовите низ земјата се одржуваат свечени богослужби, при што свештениците ја осветуваат водата. Светената вода, позната како „водокрстна вода“, верниците ја носат во своите домови и ја чуваат како симбол на Божји благослов, здравје и заштита. Според верувањата, таа вода не се расипува и се користи во текот на целата година, особено во моменти на потреба, болест или духовна слабост.
Празникот Водокрст е тесно поврзан и со народните обичаи и традиции. Во некои места се практикува осветување на реки, езера и извори, а утре, на Богојавление, ќе следи и фрлањето на светиот крст во водите, што претставува симбол на вера, храброст и благослов.
Водокрст ги потсетува верниците на значењето на духовната чистота, смирението и љубовта кон ближниот. Овој ден е можност за внатрешно преиспитување, простување и нов почеток, со надеж дека претстојната година ќе донесе мир, здравје и благосостојба во секој дом.
Нашите стари верувале дека ноќта меѓу 18. и 19. јануари е време кога небото се отвора и „Бог се јавува“.
Според верувањето, Богојавление-јавувањето или објавата од Бог, се случува во текот на ноќта во очи на Богојавление, кога за миг се отвора небото за да се вкрстат ветровите што дуваат во зима со оние што дуваат во лето. Во тој миг сите води на светот престануваат да течат, а оној што ќе се затекне на отворено и ќе го види тоа, може од Бог да побара исполнување на една желба.
Празникот Водици се празнува два дена.
Богојавление и Водици секогаш се празнува на 19 јануари, а во некои краишта се спомнува и како Војордание или Машки Водици.
Богојавление е еден од петнаесетте најголеми христијански празници. Него го карактеризираат и голем број други верувања и обичаи кои се практикувале во минатото.
Се верувало дека во време на Богојавление се претскажувало какво ќе биде времето цела година. Ако има голем мраз или врне снег, годината ќе биде родна. Ако биде ведро, ќе биде сушна.
Доколку 19 јануари биде дождлив, цела година ќе има многу врнежи и поплави.
На овој ден се осветува водата за која се верува дека е лековита и чудотворна и се нарекува богојавленска вода. Неа верниците ја носат дома и ја чуваат како лек во текот на целата година.
Богојавление се одбележува со традиционално фрлање на богојавленскиот крст и пливање по него.
На 20 јануари, е празникот Собор на Свети Јован Крстител, познат и како Женски Водици, кога главен збор во изведувањето на обичаите имаат жените. На тој ден, именден слават сите чие име е изведено од името Јован.









