Македонската православна црква на 14-ти јануари го празнуваат големиот христијански празник Василица. Православните христијани кои се водат според Јулијански календар, вечерта, на 13. кон 14. јануари, ќе ја пречекаат Православната или Старата нова година. Всушност, ќе се слават три празници, се дочекува Стара Новата година, се празнува Обрезание Господово и се слави споменот на Свети Василиј Велики кој се одбележува на 14ти јануари.
Православните верници во Прилеп, пак, се подготвуваат да ја прослават Стара нова година и празникот Василица, традиционално со сукан мазник/бурек во кој сите ја бараат паричката. Прилепчани за овој празник имаат поголеми подготовки дури и од Нова година. Побарувачката е толку голема што бурегџилниците и пекарите во Прилеп не можат да престигнат да ги испорачаат сите нарачки на буреци и мазници тој ден.
Бурек/мазник се врти во секое домаќинство, на работните места, а овој адет покрај во семејствотo се практикува меѓу пријателите , колегите на работа итн…
На Василица верниците веруваат дека оној кој ќе му се падне паричка ќе биде среќен во текот на целата година.
Од каде потекнува овој обичај?
Во времето кога Божјиот угодник свети Василиј Велики станал Архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој бил многу алчен и груб човек, имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од богатите луѓе во Кеасрија да го донесат сиот свој накит и златници.
Кога епархот пристигнал, свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил и по некое чудо се засрамил, така што одбил било што да земе, ниту пак го ограбил градот. Тој никогаш повеќе не се ни врати, ниту пак им досадувал на верните од градот.
Свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на Новогодишната вечер не знаејќи што на кого му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, тој ги замоли готвачите да направат мали лебови за секој верник. Во секој од лебовите тој ставил нешто накит и златници. На денот на Новата година кога сите луѓе дошле во црква, тој на секого му дал по едно лепче. Тоа што секој го имал најдено во лепчето, било токму тоа што претходно го имал дадено.
За спомен на овој настан до ден денес се практикува на денот на свети Василиј Велики, односно на Новата година (по стар календар) да се меси лепче/мазник со паричка во него.
Денес, гoлем број македонски семејства Василица ја празнуваат и како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден. Инаку, Свети Василиј Велики се семта зе еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век.