Иницијатива за законски измени со реални цени, фер откуп и иднина за тутунопроизводството

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Иницијативниот одбор за измени на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи пред почетокот на новата реколта излезе со соопштение со кое се предлагаат законски измени за фер откуп, реални цена и иднина за тутунопроизводството. Барањата се содржани во 6 точки:

„Тутунопроизводителите од Република Македонија, согледувајќи ги сериозните и долгогодишни проблеми во процесот на откуп на тутунот, јавно ги изнесуваат своите барања за измени на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, како и за измени и дополнувања на подзаконските акти, со цел заштита на домашното тутунско производство, обезбедување фер откуп и долгорочна стабилност на секторот. Овие барања произлегуваат од реални и континуирани проблеми: нестабилен и недоследен откуп, пад на откупната цена и појава на нелојални практики кои директно го загрозуваат опстанокот и егзистенцијата на тутунопроизводителите.

1. ЦЕЛОСНА ЗАБРАНА ЗА УВОЗ НА СИРОВ НЕОБРАБОТЕН ТУТУН

Бараме трајна и целосна забрана за увоз на сиров необработен тутун во Република Македонија. Иако со измените од 2025 година беше воведена забрана за увоз за време на траењето на домашниот откуп, ова решение не ја постигнува својата цел и лесно се заобиколува. Со целосната забрана: се штити домашното тутунско производство, се спречува притисок врз откупната цена, се обезбедува фер и навремен откуп, се заштитува квалитетот и се обезбедува целосна контрола на македонскиот тутун како препознатлив бренд.

2. ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ТУТУНОТ ЗА ИСТОРИСКО-КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО (НАЦИОНАЛНО БЛАГО)

Тутунот не е само земјоделска култура – тој е составен дел од македонската историја, традиција и културен идентитет. Со негово прогласување за национално богатство: државата јасно покажува дека стои зад сопственото производство, се зајакнува институционалната грижа за тутунскиот сектор, се признава трудот и жртвата на генерации тутунопроизводители. Оваа мерка има и симболично и практично значење.

3. ВОВЕДУВАЊЕ ЈАСНО ДЕФИНИРАНА ФОРМУЛА ЗА ПРЕСМЕТКА НА ПРОСЕЧНАТА ОТКУПНА ЦЕНА

Бараме во Законот да се вгради обврзувачка и јасно дефинирана формула за пресметка на просечната откупна цена на тутунот, која ќе се состои од: реална производна цена по килограм, усогласување со стапката на инфлација, плус најмалку 50% надомест за трудот на тутунопроизводителот, како долен праг. Врз основа на вака утврдениот просек, Сојузот на тутунските здруженија, преку преговори со откупувачите, ќе ги дефинира цените по класи, при што разликите меѓу класите не смеат да го нарушуваат утврдениот просек. Истовремено, бараме јасна, однапред утврдена, јавна и проверлива методологија за пресметка на производната цена. Со ова решение: јасно ќе се знае како се формира цената, ќе се спречат произволни и еднострани намалувања, ќе се обезбеди сигурност и предвидливост за тутунопроизводителите.

4.ЛИНЕАРНО (ДИРЕКТНО) ПЛАЌАЊЕ ПО КИЛОГРАМ ПРОИЗВЕДЕН И ПРОДАДЕН ТУТУН.

Бараме воведување на линеарно директно плаќање во висина од 100 денари по килограм произведен и продаден тутун, за сите класи и за дополнителниот тутун. Дополнително, бараме: секоја година да се врши процентуално усогласување и зголемување на износот за субвенционирање по килограм, усогласувањето да биде сразмерно со индексот на инфлацијата и зголемувањето на акцизата на цигарите. Оваа мерка е неопходна за зачувување на економската одржливост на производството.

5. ОБВРЗУВАЧКО МИСЛЕЊЕ ОД НАЈВИСОКАТА АСОЦИЈАЦИЈА НА ТУТУНОПРОИЗВОДИТЕЛИ

Бараме мислењето и согласноста на највисоката репрезентативна асоцијација на тутунопроизводители да бидат правно обврзувачки при склучување на предлог-договорите за откуп со тутунските комбинати и откупувачи.

6.СТРОГ НАДЗОР И ЕДНАКВИ ПРАВИЛА ВО ЦЕЛИОТ ПРОЦЕС НА ОТКУПОТ.

Државата, односно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку Државниот земјоделски инспекторат, а Сојузот на тутунските здруженија како највисока асоцијација на производители преку своите повереници на вагите, да обезбедат редовни и ефективни инспекциски контроли. Целта е строго почитување на Законот и Правилникот за квалитативна и квантитативна проценка на тутунот, со што ќе се отстранат сите недоследности кои ги оштетуваат производителите и овозможуваат нееднаков третман. Откупот мора: да започне и да заврши во ист ден за сите пријавени откупувачи, да се одвива со исти правила за проценка, класификација и одбитоци за сите производители, да важи ист аршин од почеток до крај на откупната сезона.

Дополнително, бараме понудените цени во договорите што се склучуваат во месец март да бидат прелиминарни, а конечните цени да се утврдат со анекс најдоцна еден месец пред почетокот на откупот. Со ваков начин на откуп: тутунарите ќе бидат рамноправен партнер во процесот, ќе се спречат еднострани и селективни услови, ќе се зајакнат социјалниот дијалог и меѓусебната доверба.

ЗАКЛУЧОК: Овие барања не се спротивни ниту на законите, ниту на меѓународните конвенции. Тие се во интерес на државата, руралниот развој и егзистенцијата на илјадници семејства. Без овие измени: нема фер откуп, нема реална цена, нема иднина за тутунопроизводителите. Со нивна имплементација во законите и подзаконските акти: ќе се врати довербата, ќе се стабилизира пазарот, ќе се обезбеди одржливо тутунско производство. Тутунопроизводителите не бараат привилегии – тие бараат правични, јасни и еднакви правила за сите. За сите овие барања е подготвен и ќе биде понуден детален материјал кој ќе опфати: опис на состојбите и дефинирање на проблемите, цели на регулативата, можни решенија, проценка на влијанијата, административни влијанија и трошоци, консултации, заклучоци и препорачани решенија, како и механизми за спроведување, следење и евалуација. Иницијативата и барањата ќе бидат поднесени до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а ќе се побара и политичка поддршка од сите парламентарни и вонпарламентарни политички партии,“ стои во соопштението на Иницијативен одбор за измени на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Бадникови поворки во Прилеп „Со Божиќната радост, срца да стоплиме“

Радоста за христовото раѓање и годинава ќе ја најават Бадниковите поворки во многу градови и во Прилеп. Генералната проба се одржа денеска во Цепенков и пред камената бина на плоштадот Александрија од каде утре, вторник, 6 ти јануари ќе тргне поворката од над 300 деца кои во рацете држат „златна...

Божиќен ручек за 500 деца по 20ти пат во Прилеп

По Јубилеен 20-ти пат, традиционално, во организација на Детската Амбасада за Сите Деца во Светот, 500 деца ќе се дружат на свечен Божикен Ручекво Прилеп на 7-ми јануари, славејќи го  Христовото раѓање. Гости ќе бидат деца од Прилеп,  Скопје, Битола, Куманово, Тетово, Струмица, Охрид, Штип и од другите градови од...

Во долненско пукале на свадба со огнено оружје, а полицијата ги уапсила

На 02.01.2026 околу 09:30 часот во с.Лажани, општина Долнени, полициски службеници од Полициското одделение Ропотово ги лишија од слобода М.С.(36) и С.Б.(29), двајцата од с.Лажани. М.С. со возило „фиат хрома” со прилепски регистарски ознаки и Б.С. со возило „мерцедес” со германски национални ознаки биле дел од колона возила за семејна...