Меѓународната набљудувачка мисија, предводена од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), оцени дека изборите им понудија на гласачите вистински избор меѓу различни политички алтернативи. Кандидатите можеа слободно да водат кампања, а основните слободи беа почитувани.
Изборниот процес беше негативно погоден од силната политичка поларизација и разочараноста на јавноста од политиката. Кампањата беше доминирана од прашања за националниот идентитет и етничката застапеност, кои ги потиснаа локалните теми од интерес за граѓаните, како што беше забележано во преодниот извештај на ОДИХР.
Набљудувачите укажаа на системски правни празнини, особено во надзорот на финансирањето на кампањата. “Иако изборната администрација ефикасно ги спроведе подготовките, нејзината работа беше отежната од недостатоци во законодавството и ограничени ресурси, изјави шефот на мисијата на ОДИХР,“ Матео Мекачи.
Биле забележани и случаи на злоупотреба на јавни ресурси и притисоци врз вработени во јавниот сектор. Помалите партии и независните кандидати немаа адекватен пристап до медиумите и финансиски средства, што бара реформи за обезбедување еднакви можности за сите учесници во изборниот процес, стои во извештај на ОДИХР. Покрај законската квота од 40 отсто, жените остануваат недоволно застапени во политиката. Од вкупно 309 кандидати за градоначалници, само 32 беа жени, што ја нагласува потребата од дополнителни напори за постигнување родова рамноправност во јавниот и политичкиот живот, пишува во извештај на ОДИХР.