Промоција на романот „Грст афионови зрнца“ од прилепскиот писател Горан Василевски

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

В сабота на 18 октомври, од 17:00 часот во кафе-бар „База“ во Прилеп ќе се одржи промоција на романот „Грст афионови зрнца“ од Горан Василевски. Промотор на романот е Звонко Димоски.
За романот…
 Дејството на романот „Грст афионови зрнца“, се одвива од последниот милениум пред Христос до сегашни дни, и е вечно неодгатнатата димензија на времето што лесно и едноставно ја апсорбира краткотрајната минливост на човековиот живот според веќе востановениот, иако хаотичен редослед од минати, сегашни и идни настани.
Во содржината се вткаени едноставни просто човечки дилеми за љубовта, надежта, животот и смртта, како не само земски, туку, пред сѐ, божествени и космички сили. Сѐ минува и се менува. И времето, и просторот, и настаните и лицата, за најпосле крајот да дојде во совршен склад со непишаната замисла на универзумот. Па, читајќи можеби ќе сетите дека без оглед на векот што го живееме, во нас носиме и дел од нечии дамнешни собитија. Три епохи. Три судбини. Еден таен код запишан во соништата. Од древниот Стасадор, преку Пејко, до современиот Тихо ‒ три мажи, три животи, една вечна потрага по смисла. „Грст афионови зрнца“ е раскошен роман за љубовта и честа, временско патување што ја брише границата меѓу јавето и сонот!
 Горан Василевски е роден на 29.12.1968 година во Постојна, Словенија. Основно и средно образование завршува во Прилеп. Се запишува на Воената академија во Белград, а дипломира на Воената академија во Скопје. За време на активната армиска кариера, учествува и во воените конфликти во регионот. Последипломските студии ги завршува на Филозофскиот факултет во Скопје. Ја извршувал и должноста на раководител на единствената армиска компонента при ОБСЕ во Виена, Австрија. Поминува сѐ што требало да помине во животот досега, а денес, како пензионер живее во Скопје, со план да се врати и да старее во Прилеп. Започнал со поезија и во 2008 година ја издава стихозбирката „Мандарина“, а преминувајќи на проза, го издава романот „Оревот“ (2013) и збирката раскази „Монахот што се плашеше од смртта“ (2015). Автор е на повеќе стручни трудови од областа на безбедноста, разузнавањето и менаџментот.

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

(ВИДЕО)По петти пат адреналински Фестивал на отворено „SAMOKOV EXTREME 2026“

Фестивал во природа: пешачење, планинарење, возење со теренски возила, мотокрос и АТВ возила, на недопредни природни убавини во Поречието, органска храна, љубезни домаќини, тоа е годинава ќе го понуди „Samokov Extreme“. Се организира по 5-ти пат во Општина Македонски Брод на 6 и 7 јуни. Целта е развој на туризмот...

„Блуз во душата“ емоции кои зрачат во најновото музичко остварување на таткото и синот Јагуриноски

Вистинска приказна пренесена преку тага и каење кои што зрачат од секоја нота и збор. “Блуз во душата” е најновата авторска песна на Игор Јагуриноски. Тој се потпишува на текстот, музиката, изведбата, студискиот дел и видео продукцијата во соработка со неговиот син Михаил Јагуриноски, задолжен за изведбата на соло гитарите,...

Со „Девојките на Марко“ сцената оживеа со харизма, хумор и маестрална игра

Преку комедијата „Девојките на Марко“, прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ и одличната актерската екипа: Наташа Ачански, Јасмина Мицовска Станкоска, Марија Спиркоска Илијеска, Лора Штарго, Димитар Ѓоргиевски и Илија Волчески, само потврдија и докажаа дека во Прилеп не е загубен духот на мајтапот, здравиот хумор, шегата и смеата. Публиката ракоплескаше со жар...