(ВИДЕО)Мицкоски од Прилеп: Оваа генерација ја има последната шанса, после којa нема поправен!

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Премиерот Христијан Мицкоски од Свечената академија во Прилеп со јасни пораки за обединување и рестартирање на системот за што е потребна општествена мобилизација, не само политичка економска туку и меѓугенерациска, затоа што „оваа генерација ја има последната шанса“. Политичките поделбите на про – наши и про – ваши треба да завршат за доброто на иднината на Македонија, порача Мицкоски.

„Не само мобилизација на политичките елити, туку мислам на длабока мобилизација на сите структури во општеството. Академската средина се подели на „про наши“ и „про нивни“, додека пак МАНУ секогаш за сите прашања е поттурнувана на страна и се водат чудни полемики за проценти на застапеност, за тоа кој бил, а кој не бил академик, наместо за проценти на искористеност на нивните знаења и искуства. Има многу прашања за кои не се прашани, но и тие некако автоцензурирачки и задоцнето реагираат. Имам чувство дека престана да се комуницира со младите кои си создадоа свој микросвет, поразличен од нашиот. Одиме заедно низ процесите, но сепак, на крај, различно зборуваме. Затоа е потребен дијалог. И кога ќе речам дијалог, најмалку мислам на она што најпрво ви поаѓа на ум – покана за лидерска средба со опозицијата, што завршува во сала за состаноци, заедничка фотографија, милион прашања, а малку одговори и изјави во кои се тркаме кој ќе биде помудриот. Туку овој пат говорам за суштински дијалог за сите општествени фактори важни за државата – академската средина, професорите, академиците, науката, младите, искусните и оние со енергија за движење напред,“истакна премиерот.

Мицкоски повика на обединување и по етничка основа, ресетирање на системот и посветеност кон она што народот го бара, а тоа е подобар стандард и подобар живот. На патот кон подобро утре и подобра Македонија е влезот во ЕУ, како една од стратешките цели:

„Има и такви што ќе речат дека не е фер патот до ЕУ. Кога се формираше целта за членството во Европската Унија, никој нам не ни ветуваше фер игра, напротив, судбината на помалку бројните народи и помалите држави во голема мера зависеше од игрите на побројните народи и поголемите држави. Нашата умешност мора да биде да ги реализираме нашите цели низ еден таков контекст на работите. И секогаш мора да има план А и план Б, но целта останува иста,“ рече Мицкоски упатувајќи порака до Бугарија да покажат зрелост во врска со патот на Македонија до ЕУ.

„Мораме да го искористиме овој ден да испратиме јасна политичка порака: ДА за членство во ЕУ. Свесни сме дека тој пат за нас не беше фер и нема да биде фер. Но НЕ за билатерални услови и ДА за гаранции од Европскиот Совет, кој што мора ако навистина сака да ја види оваа мала земја која во историјата многу пати покажала дека местото и е заедно со нив во заедницата на европските народи. Да испратат еден заклучок уште на следниот Европски Совет во кој јасно ќе кажат дека никој од нив нема проблем со посебниот македонски идентитет, дека никој од тие 27 членки нема проблем со македонскиот јазик кодифициран пред  80 години и дека никој нема проблем од нив со повеќевековната македонска култура, традиција, обичаи на кои се основа и темели македонскиот идентитет. Да речат доста е, нема повеќе вето и препреки поради билатералните прашања,“ рече Мицкоски.

Премиерот подвлече две работи кои мора да се решаваат паралелно:

„Првата – дека имаме сериозен проблем со испораката на правдата, а клучот на сите заглавени обвиненија седи на две адреси со заеднички господар. Мораат судството и обвинителството се во канџите на поранешните политичари, и тие мора да се ослободат. Не може за милиони украдени пари да не се одговара поради нечија политичка близина. И ако тука, во овие случаи, нема правда, што ли се случува со многу други случаи на граѓани заглавени за ситни, но за нив многу важни предмети – меѓу нив имоти, кривични пријави, граѓански спорови. И за овој ресет на системот што ќе го спроведеме, не мислам на реванш, а во изминативе месеци покажав дека правдата е за сите иста и за, како што вели нашиот противник, „наши и ваши“, и овие категории нема да имаат разлика и за мене се непознати. Туку или некој се огрешил, или не се огрешил кон законот. Или е криминалец, или не. Или ќе има правда, или нема да нè има. А мора да нè има и мора да победиме со градење на систем во кој мора да веруваме и што ќе го оставиме на чесни професионални луѓе.

Втората работа што сакам да ја нагласам е посветеноста кон она што го бара народот, а тоа се резултати и работа. Можам да соопштам дека и во период на кампања работам на нови инвестиции кои за брзо ќе ги соопштам и наутро редовно држам состаноци за нови проекти и мерки што ќе ги преземеме заедно со моите колеги во Владата не само до крајот на годината, туку и во наредните 5 до 6 години и што на државата ќе ѝ дадат нов облик и нова енергија. Најважната битка од сите наши борби е борбата за стандардот и животот на луѓето. И тука ќе дадам сè од себе за народот и сите граѓани да живеат подобро, побогато, во систем што нема да ве разочарува и што ќе се темели на принципи и вредности. Мора да знаете – на вистинската патека сме и иднината ќе биде наша,“ рече Мицкоски.

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

На Митровден се верува дека се претскажува каква ќе биде зимата

Денеска се празнува големиот празник Св.Димитрија или кај народот познат како Митровден. За овој ден постојат низа верување. За Митровден се верува дека се предскажува каква ќе биде зимата. Ако денот е сончев, наводно зимата ќе биде блага, со исклучително малку студени денови. Ако на Митровден падне снег, се верува...

ЗОКУМ чести книги, а кафето е на ваша сметка

По повод Mесецот на книгата, Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ од Прилеп ја првпат спроведува  акција за подарување на книги на граѓаните на Прилеп. Станува збор за околу 250 книги од различни жанрови кои утре (8.11.2025)  со помош на учениците од ООУ ,,Климент Охридски” и ООУ ,,Кире Гаврилоски”...

(видео) ООУ „Добре Јованоски“ со реновирани и адаптирани простории за поквалитетно одржување на настава

Од руинирани простори до простории за квалитетно одржување на наставата-тоа е новина во ООУ Добре Јованоски, едно од најбројните училишта во Прилеп кои бори 1200 ученици. . Градоначалникот на Прилеп, кој го посети училиштето изрази благодарност до менаџментот на училиштето за нивната посветеност и соработка и најави продолжување со реализација...