(ВИДЕО) Танец – Ритамот што зборува повеќе од зборови

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Елизабета Филипоска /новинар/

Преполна сала во НУЦК „Марко Цепенков“-Прилеп, главно повозрасна публика (и, по некој пар од генерациите родени во 90-тите), која во секој момент чекаше да се подигне завесата и да започне ритамот кој не се брои со тактови, туку се чувствува со срцето и душата, ритам што не дозволува рамнодушност и го носи автентичниот македонски дух преку визуелниот наратив и музичката структура.

И, кога се слушна звукот од тапанот и кога се заниша македонската колоритна носија на играорците, кога низ младелачкото грло се слушна македонската изворна песна, публиката веќе аплаудираше и се воодушевуваше на секој чекор, на секое движење на сцената – како девојките и момците да не ја допира земјата, туку потскокнуваат во воздух и неуморно ги преплетуваат нозете во една хармонија, која пленеше и за око, и за уши, и за душа. И,  за момент ти се чини дека сето тоа во жилите ти влегува и останува заковано за навек, за памтивек. Тоа е ритам што не се учи – се наследува. Тој е начин на живот, начин на чувствување, начин на паметење.

И, не остануваш рамнодушен! Во Светот каде што културите се губат во брзината на модерното време, македонскиот ансамбл „Танец“ успева впечатливо да остане непоколеблив чувар на македонската традицијата, фолклор, носија и песна. Затоа „Танец“ не е само ансамбл – тој и вечерва потврди дека е жив музеј, подвижна енциклопедија на македонското културно наследство. Со своите впечатливи носии, автентични мелодии и кореографии кои раскажуваат приказни од народот, „Танец“ неуморно ја донесе , и на сцената нѝ ја пренесе македонската душа. Концертот насловен „Ритамот на душата, бојата на традицијата“, беше повеќе од настап – беше културна мисија во Прилеп, кој го пречекува националниот празник 11 ти Октомври,  Ден на народното востание на македонскиот народ, посебен ден за прилепчани кои први ја започнале борбата за слобода. Ансамблот остави трага од воодушевување кај публиката, силни емоции и верба дека своето може и треба да се негува и да се чува!

Во ова време кога глобализацијата се заканува да ги избрише локалните идентитети, „Танец“ не’ потсети дека традицијата не е товар, туку богатство. А,  ансамблот не само што игра – тој зборува, пее, сведочи. И,  додека светот се менува, „Танец“  остануваат како светилник на македонската културна самобитност.

Затоа, кога ќе ги видите на сцена, не гледајте само играчи – гледајте историја, идентитет и љубов кон корените, македонски! Благодариме „Танец“ за незаборавната вечер!

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

(ВИДЕО)По петти пат адреналински Фестивал на отворено „SAMOKOV EXTREME 2026“

Фестивал во природа: пешачење, планинарење, возење со теренски возила, мотокрос и АТВ возила, на недопредни природни убавини во Поречието, органска храна, љубезни домаќини, тоа е годинава ќе го понуди „Samokov Extreme“. Се организира по 5-ти пат во Општина Македонски Брод на 6 и 7 јуни. Целта е развој на туризмот...

„Блуз во душата“ емоции кои зрачат во најновото музичко остварување на таткото и синот Јагуриноски

Вистинска приказна пренесена преку тага и каење кои што зрачат од секоја нота и збор. “Блуз во душата” е најновата авторска песна на Игор Јагуриноски. Тој се потпишува на текстот, музиката, изведбата, студискиот дел и видео продукцијата во соработка со неговиот син Михаил Јагуриноски, задолжен за изведбата на соло гитарите,...

Со „Девојките на Марко“ сцената оживеа со харизма, хумор и маестрална игра

Преку комедијата „Девојките на Марко“, прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ и одличната актерската екипа: Наташа Ачански, Јасмина Мицовска Станкоска, Марија Спиркоска Илијеска, Лора Штарго, Димитар Ѓоргиевски и Илија Волчески, само потврдија и докажаа дека во Прилеп не е загубен духот на мајтапот, здравиот хумор, шегата и смеата. Публиката ракоплескаше со жар...