Во ЦК Марко Цепенков во Прилеп вечерва се одржа граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ на која присуствуваше претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој барајќи поддршка за кандидатката за градоначалник Петра Лукароска и кандидатската листа на советници предводени од носителката Драгица Николоска посочи изборот на претстојните локални избори никогаш не бил појасен:
„Да се стои пред Прилеп значи да се стои пред историјата, пред генерации кои не се плашеа да дадат се’ за оваа земја да биде слободна. И денес кога ја гледам оваа преполна сала, ја чувствувам истата сила. Силата на луѓе кои што не ја прифаќаат неправдата како судбина, луѓе што не сакаат држава заробена во лаги и поделби. Изборот во Прилеп никогаш не бил појасен и полесен. ВМРО ДПМНЕ за 4 години го уништи градот. Најголемо признание за хаосот кој го создадоа е фактот што не го кандидираа актуелниот градоначалник, а сакаат да направат нова измама сега нудејќи го Дејан Проданоски. Проданоски е човекот кој 3 години претседава со Советот на Општина и е исто толку одговорен за хаосот како и актуелниот градоначалник,“ рече Филипче.
Тој испрати порака до премиерот Христијан Мицкоски дека патриотизам не е да се урниса економија туку да се донесат правилни политики од кои бенефит ќе имаат сите граѓани, а не само поединци кои ги диктираат условите кои нив им одат во прилог.
„Мицкоски и неговата банда, под превезот на лажниот патриотизам, донесоа ослабена економија, партизирана држава, плати кои стагнираат и цени кои дивеат. Мицкоски нема ниту чест, ниту љубов кон земјата и граѓаните. За него постојат само калкулации, спинови, лични амбиции и бизнис зделки. Тие зборуваат за народот, но народот не го слушаат и тоа е најголемиот доказ за лажниот патриотизам. Патриотизам не е да го делиш народот, туку да го обединиш. Патриотизам не е да ветуваш лажна гордост, туку да создаваш услови луѓето да живеат гордо“, рече Филипче.
Филипче на трибината во Прилеп кажа дека СДСМ патриотизмот го покажувал на дело седум години во континуитет и во најтешките времиња кога државата ја погодија ковид, економска и енергетска криза. Во однос на визијата за државата посочи дека Македонија заслужува јасен пат, стабилност и достоинство, но и политичари кои ќе решаваат проблеми, кои нема да зборуваат за хибридни напади, дронови и жолти комбиња и на кои нема да им бидат криви вештачки скакулци за пожарите.