На прес конференција доцна попладнево претседателот на СДСМ Венко Филипче ја соопшти одлуката на Извршниот одбор на партијата, која се однесува на давање согласност за кандидатури за градоначалници за претстојните локални избори. Одлуката се однесува на кандидати за градоначалници за уште 16 општини. За Прилеп кандидат за градоначалник е Петра Лукароска, актуелен претседател на ОО СДСМ.
Одлуката на Извршниот одбор на партијата ја потврди и Лукароска:
„Со голема чест и чувство на одговорност ја прифаќам кандидатурата за градоначалничка на Прилеп. Почитувани членови, симпатизери и поддржувачи на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, драги сограѓанки и сограѓани, Со голема чест и чувство на одговорност ја прифаќам номинацијата од страна на Извршниот одбор на СДСМ за мое кандидирање за градоначалничка на Општина Прилеп. Како жена, оваа кандидатура за мене има посебна тежина, но и огромна мотивација со мојот ангажман да ги отворам вратите за активно вклучување на што поголем број жени во политичкиот живот и процесите на одлучување. Изминативе 4 години за Прилеп значеа години на назадување во сите сегменти на општественото живеење. Градот беше оставен сам на себе, населените места целосно заборавени, а грижата за потребите на граѓаните остана заборавена на некоја страница од изборниот памфлет на актуелната владејачка гарнитура. Потребата од промени на подобро, од нова енергија и безбеден град, од одговорна општинска власт која ќе работи во интерес на целата заедница, ја потенцира огромното мнозинство наши сограѓани. Заедно со моите сопартијци од СДСМ, со луѓето на кои им е блиска социјалдемократската идеологија, со членовите на општинскиот Совет и бизнис заедницата, со еснафот, со добронамерниците кои имаат љубов за Градот Херој, чекор по чекор ќе го враќаме Прилеп на патот на напредокот. Притоа, солидарноста и социјалната правда, економскиот развој и здравата животна средина ќе бидат високо на нашата агенда. Убедена дека со многу труд и посветеност од Прилеп ќе направиме инклузивно и подобро место за живеење, ве повикувам да се приклучите кон мојата, кон заедничката визија за нашата општина. Уште еднаш, на членовите на ИО на СДСМ и на претседателот Венко Филипче им благодарам за укажаната доверба, а вам за искажаната поддршка за мојата кандидатура!