Започнува десетто издание на Интернационалниот филмски фестивал „Винтер Априкост“ во Прилеп

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Во културна средина често фокусирана околу главниот град, Интернационалниот филмски фестивал „Винтер Априкост“ во Прилеп, претставува редок и значаен пример за тоа како уметноста може да создаде нови гравитациски точки во внатрешноста на државата. Основан со јасна визија – да му ја врати на Прилеп и неговата публика навиката на активно културно живеење – Фестивалот денес е препознаен како најпосветениот македонски концептуален простор на краткиот филм, и меѓу ретките што успеваат да изградат препознатлив интернационален идентитет. Од своите почетоци, Winter Apricots го застапува ставот дека краткиот филм не е „мал филм“, туку комплетна кинематографска форма со авторски интегритет. Со отворање кон сите жанрови и естетики, Фестивалот станува место каде што авторите ја користат кондензираната форма за да создадат силни и прецизно артикулирани визуелни идеи.

Во годините зад себе, Фестивалот селектирал филмови од пет континенти, создавајќи програма што ја следи современата краткометражна продукција и нејзините нови јазични и тематски насоки. Со тоа, Winter Apricots ја исполнува својата примарна мисија за поддршка на авторското размислување, да промовира нови перспективи и да создаде сцена што ја поттикнува сензибилноста на младата филмска публика.

Фестивалот е организиран во три натпреварувачки целини – Интернационална, Балканска и Македонска селекција – со јасно дефинирани критериуми за уметничка и техничка извонредност. Наградите за најдобар филм, концепт, кинематографија, звук како и наградата на публиката во македонската селекција, создаваат рамка во која кандидатите добиваат професионална видливост и влез на пошироки европски и светски фестивали.

Јубилејното 10-то издание, кое ќе се одржи во кино „Мис Стон“ и во просториите на НУЦК „Марко Цепенков“, од 10 до 13 ти декември, потврдува дека Winter Apricots одамна ја надмина улогата на класичен филмски фестивал. Најавената програма опфаќа: фотографски изложби, промоции на книги и трибини, концерти и музички перформанси, програма на танцови филмови што традиционално го отвора фестивалот (во соработка со Augenblick колективот), како и специфични хибридни формати на уметничка соработка. Вака организиран, фестивалот функционира како интердисциплинарен културен мост, создавајќи средина каде што филмот, литературата, музиката и визуелната уметност не се паралелни патеки, туку точки на пресек.

 

Овогодишното интернационало жири го сочинуваат тројца истакнати професионалци чија работа опфаќа значајни достигнувања во полето на филмот и визуелните уметности. Мартина Аригони, филмска режисерка, сценаристка и уметница од Милано, се истакнува со својата комбинирана практика во режија, монтажа, фотографија и критичко пишување, со учество на реномирани европски фестивали и развој на филмски проекти поддржани од водечки институции. Јелена Иванчевиќ, сценографка и дизајнерка на сет, делува во рамките на филмската и театарската продукција во Црна Гора и Србија, со значаен опус во независната и ангажираната уметност, како и учество на престижни архитектонски и сценографски платформи, вклучително и Венециското биенале. Георги М. Унковски, автор со интернационално признание и силно присуство на македонската филмска сцена, чиј најнов долгометражен филм „Диџеј Ахмед“ е наградуван на фестивали ширум светот.

Ова издание на фестивалот за првпат се отвора со изложба – внимателно избрана колекција на аналогни фотографии од Јордан Звездоски. Преку интимни визури од руралната околина на Прилеп, авторот ги претвора секојдневните сцени во визуелни фрагменти исполнети со меморија, балансирајќи помеѓу минатото и современиот ритам

Литературната компонента е застапена преку промоции на книги и трибини, вклучувајќи ја книгата „Годините“ на нобеловката Ани Ерно, во присуство на издавачката Катерина Шекутковска (Илика) и преведувачката Андријана Папиќ Манчева, „Калиграфи на филмското писмо“ од Влатко Галевски, како и трибината „Синелитера“, посветена на пресекот меѓу филмот и литературата и на нивниот дијалог во современиот културен контекст.

Филмската програма, поделена на Македонска, Балканска и Интернационална селекција, прикажува краткометражни дела кои ја истражуваат современата визуелна естетика, наративната концентрација и темите на современиот свет. Селектираните дела се одбрани од 760 пријавени филмови од 77 држави. Танцовите филмови традиционално го отвораат фестивалот, додавајќи динамика и експериментален визуелен израз.

Музичката програма вклучува настап на Мухамед Ибрахими, мултиинструменталист кој ја спојува ориенталната музика, балканскиот фолклор и современите стилови, создавајќи храбра и неочекувана атмосфера, како и футуристичкиот аудиовизуелен проект ИСКРА, кој преку синт-звуци и интригантни анимации ја потопува публиката во хипнотизирачки свет на футуристичко Скопје.

*напишано од тимот на Winter Apricots

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Честитка од Градоначалникот на Прилеп по повод празникот Св.Климент Охридски

Денеска по повод одбележувањето на државниот празник, Денот на Св. Климент Охридски, 8-ми Декември,  со кој се одбележува делото на првиот словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа, Св. Климент Охридски, градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски,  им го честита празникот на своите сограѓани. Тој...

„Каков му е јазикот на народот, таков живот живее„ – на денешен ден почит за великанот Блаже Конески

На денешен ден 7 декемврви (1921 – 1993 г), му оддаваме почит на великанот на македонската совемена мисла и кодификатор на нашиот јазик, Блаже Конески, еден од најистакнатите македонски културни дејци, академик, писател, врвен поет и научник, чие творечко истражување даде неодминливи резултати во македонската литератур и во областа на...

(Видео) Се учат песничките за „Бадниковата поворка“ – уште има можност за пријавување

Дечиња од 4 до 13/14 години не уморно ги вежбат ангелските песни и песната „Вечен е Бог“ со кое ќе го ќе го најават Христовото раѓање во Прилеп.  Организаторите од здружението „Бадникови поворки“ – Прилеп,  започнаа со  подготвуваат за овој настан, вклучувајќи дечиња кои сакаат да бидат дел од Бадниковата...