Општина Виница информира дека како резултат на потребите и барањата од локалниот бизнис сектор, желбите на учениците и заложбите на СОУ „Ванчо Прке“ – Виница, како и на локалната самоуправа и МОН – од учебната 2026/2027 година во тоа средно училиште ќе се отвори сектор „угостителство и туризам“ со образовен профил „угостителски техничар“.
Главни иницијатори за образовната новина се Бизнис клубот на Виница и локалните угостители, по што училиштето од следната година ќе обезбеди можност за 25 ученици во една учебна година да изведуваат пракса во локалните угостителски објекти. Ова подразбира формирање на дуална паралелка, што значи: учење во училиште + пракса во компанија + исплата за остварена пракса + можност за добивање стипендија од МОН во вредност од 3500 денари.
Секој угостител кој сака – може да потпише меморандум за соработка со училиштето и да биде дел од практичната настава на учениците.
Вештините и искуствата што ќе се стекнат во оваа струка ќе отворат разновидни можности во динамичниот угостителско-туристички сектор, сметаат во Општина Виница.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









