Во Прилеп повторно се разгорува културната приказна посветена на една од најсилните фигури во народната традиција, Крали Марко. Во рамките на манифестацијата „Денови на Крали Марко“, која секоја година ја организира Општина Прилеп, градот ќе живее во знакот на историјата, легендите и современата уметничка сцена. Во рамките на програмата вечерва е ЕХО – Фестивалот на планински филм, во 20 часот, кој ќе се одржува во црквата Св.Никола во Варош, а претпладенво, интерактивната работилница и изложба насловена „Балканскиот јунак Крали Марко“, беше одржана во Завод и музеј Прилеп со работилницата за ученици „Крали Марко низ детските очи“ во црквата св. Никола во Варош.
Настанот, “Денови на Крали Марко“ има за цел да ја одржи живa врската меѓу легендарниот средновековен јунак и градот кој со векови го носи неговото име и да ја одржи во својата културна меморија. Покрај чествувањето на годишнината од неговото загинување и промоцијата на локалното историско наследство, манифестацијата повторно се отвора и кон современите уметнички изрази.
Посебен интерес предизвикува музичкиот настан закажан за недела, 17 мај 2026 година, кога амфитеатарот во Варош ќе биде сцена за еден од најзначајните македонски бендови, Мизар. Концертот започнува во 20:00 часот и е замислен како јубилејна „best of“ вечер со која групата одбележува 45 години творештво.









