Мониторинг: Во Прилеп не е утврдена систематска злоупотреба на административни ресурси за време на кампањата за Локалните избори 2025 година
Во периодот од 15 септември до 19 октомври, Здружението за меѓународна младинска соработка ИНТЕРАКТИВ – Битола спроведе мониторинг на употребата на административните ресурси за време на изборната кампања во Општина Прилеп. Според наодите и покрај интензивната и конкурентна политичка трка, не е утврдена наменска, распространета или систематска злоупотреба на јавните ресурси.
Кампања – одбележана со бројни митинзи, маалски средби и активна теренска комуникација.
Прилеп, како значаен административен и економски центар во Пелагонискиот регион, беше сцена на силна изборна динамика, при што главната трка се водеше меѓу Дејан Проданоски од ВМРО-ДПМНЕ и кандидатката на коалицијата предводена од СДСМ, Петра Лукароска. Кампањата беше обележана со бројни митинзи, маалски средби и активна теренска комуникација.
Кампања – Без експлицитна употреба на службени симболи, јавни ресурси или функции за партиски цели.
Набљудувачите регистрирале поединечни случаи на појавување носители на функции на настани каде се промовирале владини проекти или институционални постигнувања, што индиректно ја зголемувало видливоста на одредени кандидати. Сепак, овие појави биле со ограничен обем, без експлицитна употреба на службени симболи, јавни ресурси или функции за партиски цели.
Не се утврдени индиции за институционална поддршка на одредени кандидати,користење службени возила, ангажман на државни службеници во политички активности за време на работното време
Дел од кампањските активности се одржале во или во близина на јавни објекти, но не се утврдени индиции за дискриминаторски пристап или институционална поддршка на одредени кандидати. Исто така, не се регистрирани случаи на користење службени возила, ниту ангажман на државни службеници во политички активности за време на работното време. Полицијата и службите за безбедност, според извештајот, ја задржале својата неутралност во текот на целиот изборен процес.
Локалните медиуми понудиле разновидно медиумско покривање
Општинската комуникација во најголем дел останала во рамки на административно информирање, без отворена промоција на кандидати, додека локалните медиуми понудиле разновидно медиумско покривање, со одредени случаи на политичка наклонетост, но без институционално влијание.
Во Прилеп не е забележана сериозна злоупотреба на административни ресурси
Во заклучокот се наведува дека, и покрај структурната предност што ја имаат кандидатите поврзани со владејачките институции, во Прилеп не е забележана сериозна злоупотреба на административни ресурси, а општинската администрација ја задржала својата функционална неутралност. Изборите во Прилеп завршија во првиот круг од гласањето.
Мониторингот е дел од поширока иницијатива за следење на евентуална злоупотреба на административни ресурси во изборните процеси на локално и национално ниво. Проектот се спроведува од повеќе граѓански организации низ државата, со цел да се обезбеди транспарентност, одговорност и интегритет во изборната трка.
Овој мониторинг е поддржан од ИФЕС (Меѓународна фондација за изборни системи), меѓународна организација која повеќе од три децении работи на унапредување на демократските процеси ширум светот. ИФЕС соработува со институциите, Државната изборна комисија и граѓански организации во Северна Македонија за јакнење на изборната администрација, промовирање фер изборни практики и спречување злоупотреба на јавни ресурси.
Линк од прелиминарниот извештај од спроведениот мониторинг:









