Париз-Бонди, 29 март 2026
Во организација на здружението „Заборавени Македонци“ од Париз и париската општина Бонди денеска на старите градски гробишта се одржа чествување/комеморација за истакнатиот македонски онколог и светски признат научник охриѓанецот д-р Анастас Коцарев по повод 95 години од неговата ненадејна смрт во Париз и 136 години од неговото раѓање.
За ликот и делото на д-р Анастас Коцарев говореа градоначалникот на општина Бонди г.Стефен Ерве и македонскиот амбасадор д-р Игор Николов. Градоначалникот на Бонди г. Стефен Ерве пред гробот на д-р Коцарев уште еднаш ги реафирмира силните француско-македонски културни врски и поврзаност меѓу Охрид и Бонди преку ликот и делото на д-р Коцарев и неговата трагична судбина и прерана смрт кои скоро еден век го оставија научникот да биде заборавен од светот. Од име на општината, градоначалникот Стефен Ерве положи свежо цвеќе на гробот од д-р Коцарев.
Неговата екселенција, амбасадорот Николов истакна дека „д-р Коцарев ги постави темелите врз кои се гради светската научна мисла од областа на радиологијата и и онкологијата и македонската научна мисла и национална свест.“
Амбасадорот Николов гробот на д-р Коцарев го нарече „место на сеќавање, место на почит и инспирација и дека неговите научни истражувања претставуваат мост меѓу Македонија и Европа и доказ дека талентот и упорноста не познаваат граници помеѓу луѓето и помеѓу државите.“
Кулминација во одбележувањето на научната и патриотска дејност на д-р Анастас Коцарев се случи во македонската амбасада во Париз каде амбасадорот д-р Николов организираше прием и ја отвори изложбата на која се најдоа оригинални изданија на книги од д-р Коцарев и пропаганден архивски материјал издаван од Главниот совет на македонските друштва во Швајцарија во текот на Париската мировна конференција во 1919 година со иницијативи и предлози до преговарачите на конференцијата за извојување на независна држава Македонија. Македонскиот амбасадор д-р Николов зборуваше за важната улога на неговите потомци, истражувачи и ентузијасти кои не дозволија овој голем научник и патриот повторно да биде заборавен.“
АМБАСАДОРОТ Д-Р НИКОЛОВ НАПРАВИ УНИКАТЕН ГЕСТ ЗА Д-Р КОЦАРЕВ
Во чест на светски познатиот научник и 95 години од неговата смрт, амбасадорот Николов уникатната резбана сала во амбасадата ја именуваше по македонскиот онколог во „Салон д-р Анастас Коцарев“ – гест кој беше поздравен со воодушевување од присутните. Неговата екселенција обелодени дека салонот е дело на охридските резбари и донесени се во амбасадата по нејзината комплетна реставрација и ова е еден симболичен спој на д-р Коцарев со уметничкиот дострел на неговите сограѓани – охридските резбари.
Извор и фотографии: Здружение „Заборавени Македонци“









