Пред општинската зграда денеска се одржа собир во организација на неформалната група „Спас за Прилеп“. Собирот се реализира како знак на поддршка на дел од советниците кои започнаа иницијатива за отпочнување на постапка за научна студија за влијанието на рудниците за мермер во прилепско и основање на месна заедница во село Оревоец.
„Денес кога се собравме пред општинската зграда во Прилеп, да им дадеме поддршка на оние народни избраници или како ги нарекуваме советници, да донесат правилна одлука по повод двете точки кои се на денешен дневен ред, на денешната седмица. Сакаме да им упатиме повик за добронамерност и добро совесност, дека ние во Прилеп, после 35 години така наречена независност во оваа држава, бараме официјални цифри и бројки за воздухот што го дишиме, за водата што ја пиеме и за почвите околу нашиот град. Мислам дека доволно, барам прилепчани се запознати дека Прилеп како град, важи како најрударски град, иако од една страна би можел да кажам за наша среќа, во и околу градот Прилеп се наоѓа около 85 до 90% од минералните богатства на Македонија. За наша среќа, можеби немаме металични суровини тука, што е многу поопасно, но сите сме сведоци, бараме она што со голо око, може да се покаже во нашата разорана и уништена животна средина, бидејќи ни доаѓа премногу мермерна прашина во градот. Така што , ете после 35 години, да видиме официјални цифри и бројки, до каде сме, како работат рудниците, иако знаеме како работат, но да го видиме тоа на еден официјален план.
Ова еден нов начин на дејствување, односно ова е крикот за правда и за чесност, крикот кон оние што сме ги избрале да ги водат нашите судбини, односно да одлучуваат за судбините на илјадници луѓе кои живеат на дадена територија. Така да, ова е прв пат со ваков, ова е, јас не би го нарекол притисок, ова е јавна поддршка да би донеле правилни одлуки во служба на својот народ, а не во нечија таму, не знам од каде, што често знае да биде во служба и на надворешен фактор,“ рече Ѓорѓи Георгиоски, екоактивист дел од неформалната група „Спас за Прилеп“.
Воедно, советниците од Левица доставиле барање за итна седница на Советот на Општина Прилеп пред донесувањето на Законот за минерални суровини. Итната седница на Советот на почетокот од месецов не се одржа. Законот за минерални суровини е веќе донесен.
„На трети, овој месец, до Советот на Општина Прилеп, како овластени предлагачи, сите опозициони советници, поднесуваа барење за итна седница, пред донесување на законските измени на Законот за минерални суровини и Законот за јавно приватно партнерство и за концесии.
Целта беше да се одржи таква итна седница, час поскоро, пред донесување на законските измени од причини што Прилеп е еден од најзасегнатите градови со најголем број на концесии, а согласно Законот за минерални суровиени, секоја општина дава позитивно или негативно мислење во процесот на издавање на концесиите, што значи зема активно учество во тој процес.
До денес, претседателката на Совет за жал и мнозинството не закажа итна седница. Неделовнички, нестатутарно, беше должна да ја закаже итната седница за тоа што беше побарана од една третина од советниците. Денес ќе побараме одговор на таквото прашање, а овие луѓе се тука, од причини што со донесените законски измени, следи процес во кој што се загрозени три села на потегот на Плетвар, тоа е Оревоец, Плетвар и Крстец“, рече Жарко Стеваноски, пред почетокот на денешната 14 та редовна седница на Советот.
Советничката група од Левица поднела барање Градоначалникот да се задолжи за отпочнување со постапка за изготвување на кумулативна студија за влијанието на сите издадени концесии на животната средина и на здравјето на луѓето.
„ Во изминативе 35 години никој не смогнал сила за да покажи на каков начин преку анализи вакви бројни концесии влијаат на здравјето на луѓето. Ние полниме Државна клиника со пациенти од белодробни заболувања, од канцерогени заболувања, а се’ уште ја немаме испитано причината зашто токму од Пелагонија, бројот на такви пациенти во Скопје е најголем,“ рече советникот Стеваноски дополнувајќи дека била предложена како точка на дневен ред на денешната седница – предлог за донесување на одлука за формирање на месна заедница Ореовец, бидејќи како што рече во трите села Оревоец, Плетвар и Крстец каде имало регистрирано 22 гласачи согласно избирачкиот список , но и дека постапката била целосно запазена.
Редовната 14 та седница на Советот започна во 12 часот и сеуште е во тек. Паралелно со одржувањето на седницата се одржуваше и граѓанскиот собир пред општинската зграда каде преку звучник и мегафон дискусијата, внатре во салата, се пренесуваше пред присутните граѓани.









