Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството од Прилеп започна со кампањата „Прашај ја Агенцијата’’ со средба со одгледувачите на овци. Како да се надминат проблемите со исплата на субвенциите за неколку години, вклучително и 2025 та, како е структуирана Програмата за финансиска поддршка за 2026 та беа дел од темите на средбата. Основното прашање е како да се зачува, но и да се зголеми македонскиот добиточен фонд.
Прашање на денови е реализацијата на исплатата на субвенциите за 2025 за мерката сточарство, додека за заостанатите субвенции за 2023 и 2024 та, средствата ќе се исплатат по административните проверки и одобрување од Трезорот за што има обезбедено пари, рече Даниела Лазарова Иротова, директорка на Агенцијата за финансиска поддршка.
„Приоритет е да се исплати за 2025 та мерката за сточарство. Мерката за 2024 та е таква каква што е не навлегуваме дали навремено се реагирало, меѓутоа најголем дел од сточарите не биле ниту свесни како оваа мерка тогаш ќе влијае на исплатата. Факт е дека исплатата е задоцната, да се реагирало навреме во 2025 та. Меѓутоа задоцнетата исплата во 2026 та не може да се креира мерка за 2024 та година. Од 2 800 пријавени, само 800 го исполнуваат условот за исполнување на минимумот за предадени јагниња во кланични капацитети. Ова бидејќи не било земено во предвид исклучувањето на младите нерепродуктивни грла и машките грла од условот за исполнување на условот од 50% предадени јагниња во 2024 та. Тој критериум кој што бил баран е далеку од тоа да може да го исполни еден сточар. Меѓутоа за нешто што било случено во 2024 та не можам ниту да коментирам ниту да дадеме нешто во 2026 та година.
Барањата за 2025 та година ни се во процес на обработка. На Агенцијата не и’ требаат повеќе од 5 до 7 денови да ја изработи таа мерка и да ја пуштиме во Министерство за финансии. Вкупниот износ е околу 1 милијарда денари за поголем број сточари. Има средства во Буџетот, нема проблем, но сточарите треба да бидат свесни дека имаме неисплатени средства за 2024 та, што е надвор од фискалните рамки на одобрениот Буџет за 2026 та година. Ќе се потрудиме во рамки на предвидените средства да ги исплатиме сите заостанати обврски и луѓето кои имале проблеми во 2022 и 2023 та година, да ги исплатиме обврските бидејќи одговараме според Законот за имплементација на Буџетот што го имаме. Ќе ги обработиме сите барања кои што се за 2025 та со таа 1 милијарда денари кои што треба да исплатиме и ќе ги доставува до Трезорот. Сите други ставки на исплата оди преку Министерство за финансии каде што се креира Буџетот. Овде можам да ветам – ние како Агенција ќе дадеме целосна поддршка да ја обработиме мерката и да ја доставиме до Трезорот и истата по исплатите за 2023 и 2024 бидејќи имаме одговорност пред законот и не може нешто да се исплаќа со приоритет ако веќе не ти се исплатени старите обврски. Средства има 2023 та и 2024 та се доставени до Трезорот и прашање на време е кога ќе почнат да се исплаќаат.
За да им помогнеме на сточарите денеска е објавен огласот за плата за сточарите за 2025 та година за да ја фатиме динамиката мерките кои не биле опфатени претходно да ни заостануваат. Тие веќе ги имаат платено овие средства, но колку побрзо платиме толку подобро за нив за да можат да бидат ликвидни и да опстанат“ рече Даниела Лазарова Иротова, директорка на Агенцијата за финансиска поддршка.
Сточарите апелираат на поголема ажурност од државата во решавање на проблемите, бидејќи како што велат добиточниот фонд се намалува. Од 2 милиони грла ситен и крупен добиток, прашање е дали Македонија денес има 200 илјади овци, кози и крави.
„Настана едно недоразбирање во сточарството со мерките кои беа воведени. Половина од сточарите не ги исполнија критериумите и тие останаа без ниту еден денар оваа година. Затоа сега, дали било по нивна вина, или не била убаво испромовирана Програмата за финансиска поддршка ние не можеме да тврдиме. Битно е едно да им се помогне на сточарите да се врата повторно во живот оти тие останаа без пари, некаде околу половината од нив. Исто така и другите мерки кои се во овчарството да бидат навремено исплаќани оти има болести, отежнат е откупот на јагнето… Сериозна е ситуацијата во секој случај во сточарството. Но едно е многу важно и ќе им порачам на сточарите дека не можат расправиите по вибер групи и по маалски продавници да донесат плод. Вакви собири ни требаат да не ја промашиме и наредната година, вели Боби Бошевски,“ сточар од битолско, претставник на Здружение на одгледувачи на овци.
Сточарите немаат земено субвенции за 2023 та година, а многумина не ги исполниле критериумите за финансиска поддршка и за 2024. Откупот на јагне е неизвесен, ова го потврдуваат одгледувачите на овци на собирот.
„Немам земено субвенции за 2023 та немам земено субвенции, 2024 та ги изгубив, сега за 2025 та си ги бараме субвенциите. Откуп на јагне нема, не ни е познато од кои причини, дали се некои игри или чекаат 5 до 12 да ни го земат јагнето по ниски цени. Ова се едни од причините што сточниот фонд во Македонија е многу намален, дури според некои проценки нема ниту 200 илјади овци. Младите не сакаат да работат и ние сме последна генерација што ги чуваме овците“, вели Марјан Стојаноски сточар од Новоселани и претставник на Здружението Пелагониски сточар.
Од средбата беше упатен апел до надлежните, до Владата за поголема ажурност во решавање на проблемите во сточарството и исплата на финансиската поддршка.
„Јас би упатил апел до Владата, бидејќи не зависи повеќе од директорката на Агенцијата – Владата да ни излезе во пресрет и да ја поддржат директорката и Министерството за земјоделство ако сакаат да опстане оваа гранка. Веќе гледаме дека има војни, ќе се враќаме на земјоделство, на сточарство, но ќе ни биде доцна. Треба да се внимава и да се исплатат што побрзо овие заостанати субвенции и да одиме напред. Ако порано сме имале 1 милион сточен фонд, сега имаме 250 илјади грла добиток, тоа е огромно опаѓање на бројката на овци,“ рече Насер Џамаили, претседател на Сојуз на одгледувачи на овци.









