Прилепската Болница со сопствени средства набави современ апарат за очна дијагностика , односно за оптичка кохерентна томографија. Апаратот ќе овозможи пациентите наместо во клиниките или други градови во Македонија да ги прават испитувањата во Прилеп.
-Апаратот е софистициран и еден од најдобрите. Така да правиме се’ пациентите да
добијат подобри услуги и да не патуваат во другите градови. Се работи за апарат за прецизна дијагностика на заболувањата на задниот дел од окото, односно на филмот за гледање. Болницата од сопствени средства го набави овој апарат за кој што се издвоени 5 милиони денари ,“ рече Кире Јоноски, директор на прилепската болница.
Зголемен е бројот на пациенти кои што имаат потреба од специјалистичка дијагностика, очното одделение работи под полн капацитет, вели началникот д-р Дејан Ристески на офталмолошкото одделение при Болницата во Прилеп.
– Ќе имаме подобри услови во поглед на дијагностика, во поглед на дијабетис мелитус и рана прецизна дијагностика кај покачен очен притисок, односно глаукомот и ќе овозможиме пациентите да добиваат рана дијагностика и истовремено следење. Еден ден се надеваме дека ќе стасаме да имаме антивегеев терапија со која се решаваат проблемите кај дијабетичните ретинопатии,“ додава д-р Ристески, специјалист очен лекар, кој на прашањето за потребите од стручен медициски кадар посочи дека недостигаат медицински сестри. На очното одделение во прилепската болница има четворица специјалисти очни лекари, а тројца се на специјализација.
Доцент д-р Наташа Трпевска Шеќеринов, директор од Клиниката за очни болести од Скопје, посочи дека ова е значаен чекор за општа болница Прилеп, бидејќи е современ апарат, кој е непоходен.









