Јордан Ангелески, 17 годишник, ученик во прилепската гимназија е најсреќниот годинава кој го фати светиот крст од осветените води во базенот во Аква паркот на хотелот „Салида“ на централната манифестација за Богојавление -Водици во Прилеп.
На Ангелески ова му е прво учество. Денеска му е именден, а на денешен ден, на Водици тој е крстен.
-Ова ми е прв пат и очигледно прва среќа. Огромно е задоволството, но и честа да се учествува на манифестацијата за Водици. Посебно сум среќен дека и на Водици сум крстен. Како средношколец, очекувам повеќе среќа. Се пријавив да скокам за здравје. Среќата за мене е посебна. Бог се јави-навистина се јави, изјави најсреќниот прилепчанец Јордан Ангелески.
Општина Прилеп продолжува да биде покровител на сите настани, како и денешниот на Богојавление -Водици. Му посакувам среќа на Јордан Ангелески и му го честитам именденот, рече прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.
Ангелески од локалната самоуправа доби сувенир и ваучер на 20 000 денари, како и подароци од повеќе спонзори.
На денешната централна манифестација учествуваа над 100 верници.









