Прилепската болница на иницијатива на пензионираниот доктор Златко Савоски доби донација – ултразвучен апарат од Сојузот на тутунарите кој ќе се користи на интерното одделение, првенствено во Центарот за дијабет, како и во другите одделенија кај хоспитализирани пациенти без да бидат транспортирани за дијагностика со ултразвук.
Ова е прв ваков апарат во прилепската болница, наречен „џебен“ или ултразвучен апарат за на лице место.
– Сакаме да им се заблагодариме за донацијата на ултразвучен апарат кој ќе се користи на интерното одделение по иницијатива на пензионираниот доктор Златко Савоски и во соработка со другите доктори се случи оваа донација. Ние сме многу благодарни што на Сојузот на тутунарите што ни излегоа во пресрет за оваа донација која ќе ја користат докторите од интерно одделение.
Ние сме благодарни на сите донатори, а исто така купуваме и со сопствени средства се’ со цел за болницата и пациентите од Прилеп и поширокиот регион да бидат услужени со квалитетна здравствена заштита, посочи Кире Јоноски д-р Кире Јоноски, ортопед, трауматолог, директор на ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ Прилеп.
Мобилниот ултразвучен апарат ќе најде широка примена во сите одделенија вели д-р Катерина Чешлароска Маркушоска:
– Прв апарат којшто го добиваме во нашата болница и има големо значење бидејќи потешките пациенти потешко се транспортираат до апаратите, а ова ќе овозможи покрај самиот кревет на лице место да се овозможи брза дијагностика и понатамошен соодветен третман. Ова е еден ултразвучен апарат којшто уште е наречен џебен или ултразвучен апарат за на лице место, што значи дека пациентите ќе можат да се прегледуваат покрај самиот кревет без да има потреба да се носат до поголемите апарати. Ќе се користи за ултразвучен преглед или ехо на тироидната жлезда, доплер на крвни садови, како и за ултразвучен преглед на абдомен и ќе овозможи следење на пациентите за дијагностика. Исто така и кај пациентите коишто се со дијабетес, често имаат компликации, ќе овозможи рана детекција на компликациите и со тоа ќе се овозможи соодветен третман и превенција, рече д-р Чешлароска Маркушоска.
Сојузот на тутунарите „Мака на тутуноберачите“ не донираат прв пат, досега остварени се донации во неколку тутунарски семејства кои имале потреба од финансиска помош и поткрепа при опожарено производство, за обнова на дом од пожар или за лекување на член од семејството.
– Тука одлуката за овој апарат падна поради тоа што овој апарат ќе го користат во најголем дел дијабетичарите. Тутунопроизводителите треба да бидат горди што дел од нивната чланарина отиде во болницата за користење на рана дијагностика на самиот пациент. Ова не ни е прва донација, а нема да биде ни последна. Ќе преферираме наредната година да дадеме донација во друга болница во регион каде претежно има поголема концентрација на тутунопроизводство, рече Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунарите „Мака на тутуноберачите“.









