Оперативниот план за вработување за 2026 година обезбедува речиси 40 милиони евра. Околу 6.000 млади ќе бидат опфатени со активни мерки, а повеќе од 10.000 граѓани ќе добијат поддршка.
Младите и годинава се во фокусот со поддршка до 10 илјади евра за отворање на сопствени бизниси, можности за здружување и зголемена поддршка, а за иселениците кои сакаат да се вратат дома обезбедена е дополнителна финансиска поддршка. Различно од минатата година е што оние мерки кои што не дадоа резултати се комплетно укинати, а додека од понеатрактивните мерки финансиските средства се алоцирани во двете најатрактивни мерки од планот, а тоа се мерката за самовработување и помош на правните субјекти за вработување на невработени лица.
„Главната цел на Оперативниот план за 2026 та година е вработување пред се’ на млади луѓе до 29 години. Меѓутоа во Оперативниот план во мерките опфатени се сите категории на невработени лица и тоа подолгорочно невработени, ранливи категории, жени, Роми и други ранливи групи. Ги повикувам сите млади и невработени да ги следат интернет страните на Министеството за економија и труд и Агенцијата за вработување со цел да искористат што повеќе од овие мерки кои се предвидени токму за нив,“ посочи заменикот министер за економија и труд Марјан Ристески:
Во Прилеп во Оперативен план за 2025 та биле опфатени околу 200 корисници во најатрактивните мерки за самовработување и вработување во постоечки фирми. Повеќе од 200 лица користеле и младински додаток како поддршка на млади до 23 години од 3 000 денари субвенција доколку се вработени во производни капацитети.









