На 8.10.2024 / вторник/ од 19.30 часот во големата сала од ЦК „Марко Цепенков“ целовечерн концерт ќе одржи универзитетскиот ансамбл Македонија. Концертот е дел од годишната програма на Центарот за 2024 година, поддржана од Министерството за култура и туризам.
Ансамблот МАКЕДОНИЈА претставува репрезент на македонската традиционална култура при Музичката Академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Единствен во државата, од ваков тип, ансамблот работи со кадар – професионалци кои се едуцираат низ споменатите институции. Со него раководат врвни професионалци и стручен кадар од областа на традиционална игра, традиционалните инструменти и пеење.Репертоарот на Ансамблот Македонија е категоризиран според орските и музичките стилски карактеристики обработувајќи сценски адаптации од сите играорни подрачја во Македонија: Западно; Југозападно; Јужно; Источно и Северно играорно подрачје. Орскиот репертоар или традиционалното играње се презентира преку обредната и соборската традиција како на пример:
Обредни содржини – Џамалари од Скопска Блатија; Божиќарќе од Гора; Машки обредни поворки за Водици од Мијаци, Мала Река; Лазарице од с. Луке; Лазарки од Дебар; Велигденски игри од Порече; Ѓурѓевен од Азот; Тешкото – Мијаци, Мала Река и др.
Соборски содржини – Ораовички собор од Радовишко Поле и Радовишки Шоплук; Овче Поле; Нашето село од Скопска Црна Гора; Каршијак – Скопска Блатија; Чангулово– Малешевија; Шетнала се Јана -Пијанец; Пустец – Долна Преспа; Буките и Поседница – Воден/Меглен и многу други.
Главно обележје на орскиот и музичкиот репертоар се сценско-уметнички сегменти од традиционалната културата како на Македонците, така и на останатите етноси во Македонија. Изоставена е секаква стилизирана форма, а на широката лепеза од сценски адаптации, би ги споменале: Нели си се наспало (помуслиманети Македонци) од Струшки Дримкол; К`на геџаси – Турци Јуруци; Мама ми купи шарени чорапи – Мегленски Власи; Заигрување на бајракот – Хламбура – Власи Карагуни; Ромска свадба од Скопје; Роми Лазарки– Битола и останати.
Репертоарот на Ансамблот Македонија работејќи во правец на веродостојно афирмирање на македонските традиционални вредности, негува и презентира повеќе музички стилови и тоа:
традиционален оркестар од тапан, гајда, зурла, кавал, шупелка, сворче, двојанка, тамбура,ќемане,
чалгиски оркестар од канон, ут, кларинет, виолина, дајре, тарабука, прим,
плех оркестар од тапан с`с саан, грнета(кларинет), жута (труба), тарамблок (тарабука).
Изразно средство со голема важност е и вокалниот елемент, без кој играта не може да се замисли и опстане. Вокалниот репертоар на Ансамбл Македонија истражува и се интерпретира низ неколку категории негувајќи различни стилски карактеристики: традиционално едногласно, двогласно (бордунско) и трогласно (гртено) пеење поделено според обредната или соборската практика, како од селската така и од градската музичка традиција.
Кон ова би го припоиле и фактот дека посебен сценско – естетски белег оставаат и оригиналните облековни елементи – носиите, со повеќе од 5000 облековни елементи и над 150 комплетни носии од различни етнички предели на Македонија кои датираат од крајот на XIX век и почетокот на XX век (Скопска Блатија, Скопска Црна Гора, Средорек, Жеглигово, Славиште, Пијанец, Малешево, Радовишко и Струмичко Поле, Костурско, Воден/Меглен, Леринска Река и Леринско Поле, Мала Река, Долна Река, Горни и Долни Полог, Азот, Прилепско и Битолско Поле и др. )
Облековниот инвентар на Ансамблот Македонија се презентира и преку различни модни стилови карактеристични за историското минато на македонската култура. Модни стилови карактеристични за градските центри како ала Турка од крајот на XIX и поч. на XX век со турско-ориенталното влијание во облековната култура, како и ала Франга – западноевропскиот градски моден стил од почетокот на XX век. За сценско презентирање на селската традиционална култура, ансамблот располага и со автентични традиционални носии од различните етнички предели во Македонија, нагласени преку различни социјални атрибути и реквизити, прикажувајќи ги различните социјални статуси во културата на живеење.
Младите функционални, сестрани уметници – играорци, исполнители на народни инструменти и пејачи, достојно го претставуваат она што се нарекува минато, она што претставува духовна и материјална култура, она што претставува генетскиот код на еден народ.
Основната порака од концертите на македонските културни амбасадори може само да се почуствува и доживее. Ансмблот Македонија, е оформен 2012 година, и во краткиот временски период на активно творење реализираше голема турнеја во Јапонија во 2013 год,турнеји и гостувања во Холандија, Бугарија, Германија, Србија, Турција, Полска, Литванија како и голем број на концерти во повеќе градови во Македонија. Во изминатите седум години ансамблот има реализирано повеќе од 500 концертни активности низ Македонија и светот.
Награди:
Гранд при награда на интернационален фоклорен фестива „The Podlasque“, Octave of cultures 2015.
Специјална награда за негување и афирмирање на традиционалната музика на 42 – ри Фестивал на анродни инструменти и песни Пеце Атанасовски, Долнени.
„ПРИЗНАНИЕ ЗА МАКЕДОНСКИ КВАЛИТЕТ 2016 ГОДИНА“ доделено од Сојуз на стопански комори на Република Македонија.
ГРАНД ПРИ НАГРАДА – X DANCE НАТПРЕВАР
ПРИЗАНАНИЕ од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип за Интернационална афирмација на универзитетот и македонската традиционална култура.