Рудникот Саса инвестираше во нов систем за рано предупредување од елементарни непогоди

Оригинален линк на написот: Radiokocani.mk

Директорот за Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов и генералниот директор на Рудник Саса, Кристофер Колбурн го потпишаа документот кој ги утврдува процедурите за соработка, координација и комуникација помеѓу оваа институција и рудникот. Со ова, новиот систем за рано предупредување на Рудник Саса и официјално стана дел од националниот систем за тревожење.

Покрај останатите технички елементи, новиот систем за рано предупредување на Саса вклучува и звучни уреди (сирени) поставени на неколку стратешки локации утврдени со експертска студија. Неговата примарна цел е преку звучни сигнали навремено да ги извести сите, вклучувајќи ги и жителите на населбите во близина на рудникот, како и оние кои живеат по течението на Каменичка река и во градот Македонска Каменица, за потенцијални опасности предизвикани од различни причини и природни непогоди кои можат да го загрозат живот и здравјето на луѓето и материјалните добра.

Заради контрола на исправноста на системот предвидено е повремено вклучување на сирените, што ќе се врши согласно утврдените протоколи и во координација со ЦУК. За терминот и времетраењето на ваквите проверки жителите на општината Македонска Каменица ќе бидат навремено известени преку медиумите и други начини за информирање.

„Сведоци сме дека рудникот Саса во изминатиот период вложил многу во современа опрема и во имплементација на најдобри индустриски стандарди и практики наменети за намалување на  ризиците од инциденти и кризни ситуации кои можат да го загрозат животот, здравјето и безбедноста на вработените, како и на населението во околината на рудникот. Новиот систем за рано предупредување на Саса, кој од денеска и официјално станува дел од националниот систем за тревожење, секако е дел од ваквите напори на компанијата, кои се за поздравување и претставуваат добар пример што треба да го следат и другите компании и институции во земјата“, изјави директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, при посетата на контролниот центар за далечинско управување со системот во Саса.

Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски го поздрави поставувањето на новиот систем, истакнувајќи ја неговата превентивна улога за поголема безбедност на целокупната локална заедница. „Горди сме на тоа што нашата општина е прва во нашата земја која има функционален систем за рано предупредување од елементарни непогоди. Заедно со противпожарната кула која неодамна беше направена и ставена во функција, овој систем ќе овозможи рано откривање на потенцијалните ризици по безбедноста на луѓето и материјалните добра, што во голем број случи е пресудно при справувањето со кризни ситуации предизвикани од различни елементарни непогоди“, истакна градоначалникот Атанасовски, заблагодарувајќи се на рудникот Саса за неговата поддршка и вложувањата во реализација на овие проекти.     

Инсталирањето на овој систем во Саса се одвиваше паралелно со имплементација на Глобалниот индустриски стандард за управување со јаловишта (GISTM), креиран од страна на Меѓународниот совет за рударство и метали и Програмата за животна средина на Обединетите Нации, со крајна цел – нула штета за луѓето и животната средина.

„Овој современ систем за рано предупредување е само една од многуте активности и проекти во кои инвестиравме за да обезбедиме највисоко ниво на безбедност, што е приоритет број еден во Саса. Токму грижата за луѓето, за нивната безбедност и благосостојба, заедно со заштитата на животната средина и просперитетот на локалната заедница, претставуваат основа за нашиот одржлив развој. Затоа ние во Саса, благодарение на поддршката од групацијата ЦАМЛ каде припаѓаме, и понатаму ќе продолжиме со реализација на ваков вид иницијативи, доследно почитувајќи ги националните регулативи и глобалните индустриски стандарди и принципи на одговорно рударство“, истакна генералниот директор на Рудник Саса, Кристофер Колбурн.

Од вклучувањето кон групацијата Централ Азија Металс (ЦАМЛ) во ноември 2017 година, рудникот Саса инвестираше над 80 милиони долари во современа рударска опрема, дигитализација на техничките процеси, реализација на капитални проекти, подобрување на безбедноста, подигнување на стандардите и условите за работа во рудникот, како и во професионалниот развој на вработените, потврдувајќи ја со тоа својата посветеност на одржливото рударство.

Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Кочанската библиотека „Искра“ организираше едукативна работилница за одржување на здравјето

ЈОУ Библиотека,,Искра”, во соработка со Регионалниот центар за ментално здравје и психо- социјслна поддршка и Здружението за психотерапија Амигдала, денеска ја  реализираше првата од осумте предвидени едукативни работилници за превенција и одржување на здравјето. Во првиот дел Станче Василев од Здружението на пчелари,, Матица” од Кочани ги презентираше предностите од користењето на пчелните производи и

Градоначалникот Костадинов и словенечкиот амбасадор Прескер на завршната обука за агро-екотуризам во Чешиново-Облешево

Во Општина Чешиново–Облешево се одржа завршниот дел од обуката за агро-екотуризам, која беше реализирана во рамки на проектот „Развој на агро-екотуристички услуги во рурални средини“. Домаќин на настанот беше винаријата „Дедов Двор“ од село Кучичино. Обуката беше финансирана од Словенечката амбасада во Република Македонија, а нејзината цел беше да се поттикне развојот на агро-екотуризмот, да

Амфенол Технолоџи Македонија го проширува опфатот на кадар до Свети Николе

Амфенол Технолоџи Македонија го проширува опфатот на кадар до Свети Николе Компанијата најавува проширување на можностите за вработување во производствениот капацитет во Кочани, со што за првпат ќе се отвори можност за вработување на кандидати и од општина Свети Николе. Со цел да се обезбедат подобри услови и поголема достапност на работните места, компанијата организира