Книгата „Сите бои на виножитото“, во која се говори за новинарот на МРТ и хроничар на Кочани, Киро Герасимов, синоќа во Библиотеката „Искра“ ја доживеа својата промоција. Публикацијата е биографски труд подготвен и напишан од Славица Цветкова, пријателка, колешка, соработничка на Герасимов, и од неговата внука, Розе Д. Петрова.
„Сите бои на виножитото“ обилува со содржини и фотографии кои на убав начин го отсликуваат Герасимов и она што тој го работел уште како ученик, студент, драмски аматер, поет, истражувач, приредувач, публицист, пишувач на сценарија, преведувач, новинар хроничар…
-Контурите на книгата тој сам си ги постави на крајот од својот живот. Ми остави аманет да направам вакво нешто и тоа е направено со помош на Славица Цветкова, која го познава многу добро, затоа што заедно имаат работено долга низа години, рече на промоцијата Розе Д.Петрова, коавтор и внука на Киро Герасимов.
-Името „Сите бои на виножитото“ претставува симболика во поглед на разновидноста на неговото творештво и активности, на разноликоста на она што го создавал. Самиот Герасимов го има зацртано тоа име, појасни Славица Цветкова, вториот автор на книгата, роднокрајна писателка, новинарка, блиска соработничка на Киро Герасимов.
Во публикацијата е поместена и неговата библиографија, сето она што тој го напишал и создал во текот на животот – стотина трудови потпишани од него. На десетина страници поместени се и кажувања од негови колеги од Македонија и странство за поривот кај него за создавање вредности што се потсетник за луѓе и случувања од одреден период
Киро Герасимов, беше кажано од присутни интелектуалци на промоција, за Кочани е она што Данило Коцевски претставува за Скопје.
Киро Герасимов почина на 17 мај 2022 година во својот дом во Доклевското маало во 71 – година. Работниот век го помина во МРТ, иако краток период беше и директор на тогаш Домот на културата „Бели мугри“ и наставник во основно училиште. Негова „прва љубов“, како што самиот велеше, е Радио Кочани.
Издавач на публикацијата „Сите бои на виножитото“ е Печатницата „Европа 92“, отпечатена е во 200 примерока.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









