Во регионот на општина Прилеп моментално оперираат 32 концесионери за ископување на минерални суровини – мермер. Територијата е надалеку позната по еден од најквалитетните видови на изразито бел и мазен мермер познат под името Сивец. Како магнет за концесионерите е периферијата на пелагонискиот масив, на границата помеѓу планините Бабуна и Козјак, а во подножјето на источната падина под превојот Плетвар.
Според последниот извештај на Државниот завод за ревизија објавен во јуни оваа година годишно од прилепско се извезуваат суровини со вредност од над 70 милиони евра, а приходот во општината е од 200 000 до 300 000 евра. Ова меѓу другото стои во анализата на ДЗР „ПРИДОБИВКИТЕ И ШТЕТНИТЕ ВЛИЈАНИЈА ОД ЕКСПЛОАТАЦИЈАТА НА МИНЕРАЛНИТЕ СУРОВИНИ – МЕРМЕРОТ“ .
ДЗР: Наплатата на концесиите и висината на концесискиот надомест е ниска
Државата за четири години (2018-2022) наплатила само 45 милиони евра од концесиски надоместок за експлоатација на минерални суровини од 257 концесионери кои поседуваат 348 концесии. Концесионерите доцнат со уплата на надоместоците, а дел од нив самоиницијативно ги прошириле границите на концесиските површини, утврдиле ревизорите. И не само тоа, туку и дека „концесиските надоместоци, се на ниско ниво, имајќи предвид дека со експлоатацијата е зафатен голем простор од природата (334 квадратни километри), најголем дел од него во државна сопственост, стои во извештајот.“
Економската предност на минералните богатства е мала или незначителна за сметка на штетата нанесена на природата со менување на релјефот, на микро климата, со загадување на воздухот и почвата.
„Во овој контекст се има предвид дека со експлоатацијата на минералните суровини се менува природниот релјеф на површината и се предизвикуваат негативни влијанија врз животната средина – се нотира во ревизорскиот извештај, се потенцира во извештајот.
Дополнителната закана од нови концесионери ги крена прилепчани во еко – битка
Жителите на Прилеп паметат и добро знаат што е тоа недостиг од вода за пиење. Општината е скудна со природни извори на питка вода, па зависи од издашноста на регионалниот водовод Студенчица во кичевско. Единствените 4 извори во општината се Пашоски ливади, Лековски извори, Пештерички извори и изворот Душница токму под пазувите на планината Бабуна – локација запоседната од концесионери за мермер. Со најавата за нов концесионер – Бехтел и Енка, во близина на селото Оревоец, од крајот на април годинава, еко алармот се подигна на највисоко – црвено ниво. Прилепчани се мобилизираа и започнаа блокади и протести барајќи заштита на еколошките права и правда од инспекциските служби, Општината, а од министерството за економија бараат потврда-дали воопшто е издадена концесија за експлоатација на локацијата. Неформалната група „Спас за Прилеп“ до Основниот суд Прилеп достави и барање за времен прекин на ископот на градежен материјал на конзорциумот Бехтел и Енка за изградба на коридорите 8 и 10 д.
„Црвен аларм за спас на Прилеп“
Граѓанските мирни протести за Спас за Прилеп веќе 4 месец се активни кај базата на Бехтел и Енка во близина на Оревоец. Се поставуваат барикади на локалниот пат кон селото не дозволувајќи машините да работат. Паралелно трае и правната битка за прекин на екслоатацијата. Покренати се 4 правни иницијативи: за оценка на уставноста за експлоатација; се бара утврдување на состојбата на терен; оценка на влијанијата врз населението и животната средина, и времен прекин на активностите.
“Поднесено е барање до Уставниот суд за оспорување на член од Законот донесен специјално за реализација на проектот изградба на коридорите 8 и 10д, а се однесува на исклучокот кој му го овозможува државата – само врз основа на поднесено барање тие веднаш да отпочнат со екслоатација,“ вели Жарко Стеваноски, адвокат, застапник на Иницијативниот одбор. од протестите.
Селото Оревоец е на 5 км оддалеченост од Прилеп. Базата за експлоатација на градежен материјал е на само 100 тина метри од,последните куќи на селото кое прераснува во елитна населба. Рубин Рујаноски е еден од 20 тината жители кои секојдневно се соочуваат со загаденост на воздухот, на водата која што ја добиваат од природните извори:
– Бехтел и Енка ја уништија смреката, шумата од 3 до 7 хектари, а ни го попречија и правото на движење, го блокираа патот, минираа, од детонациите ги уништија ѕидовите од куќите и на црквата. Оревоец е натпештерско село. После 15 метри сондата им пропаѓа при бушење, посочува Рујаноски загрижен за предизвиканата штета со експлоатацијата на мермер.
Црвениот еко аларм на прилепчани добива поддршка од невладини домашни и странски организации, од локалните власт, а блокадите ги посетија и дадоа поддршка пратеници од неколку политички партии.
Граѓаните велат дека штетата е непоправлива врз животната средина. За здравјето на луѓето ретко кој зборува:
„Многу организации и домашни и светски се заинтересираа со пеперутката Чинговска Окатка, околината, чистиот воздух и водата, но ниту една организација не го актуелизира проблемот за заштита на човековото здравје. Заболувањата од карцином, особено на белите дробови се зголемува во Прилеп. Заканата е сериозна, во опасност е доведено здравјето на луѓето, жители на Прилеп, вели Рујаноски.
Каква штета предизвикува белата прашина катадневно присутна во воздухот и водата на територија на општината при екслоатација на мермерот врз здравјето на прилепчани, тоа, за жал, доправа ќе се истражува.
Црвениот еко аларм за спас на Прилеп бара одговор на прашањето: колкава е цената по живот од поседување на минерални богатства која ја плаќаат жителите на општината со нарушено здравје, при тоа оставајќи наследство за идните генерации со загадена и нагрдена природна околина како „дополнителна вредност“?!