Без културниот дух на селото, умира духот на нацијата!

Оригинален линк на написот: ИСТРАЖУВАЧКИ СТОРИИ

Какво село таква нација!!!

Латинскиот збор „cultus” значи нега, одгледување на нешто. Затоа од дамнина, растенијата кои почнал да ги одгледува човекот се нарекуваат култивирани односно културни растенија-растенија негувани од човекот. Токму во руралните средини, онаму каде што човекот почнал да ги припитомува и култивира растенијата за да произведе храна, е зародишот на создавањето на елементите кои ја култивираат човековата душа.  Но, македонското село онаму каде што се раѓал лебот, онаму од  каде што извира традицијата, онаму од  каде што извира шаренилото на македонската носија, мелодичноста на македонската песна, искалениот збор од македонската народна приказна, останува без луѓе, без леб, но и без култура особено онаму каде што се уште живеат луѓе, а како и на сите луѓе и ним им е потребен културно-забавен живот. За разлика од пред триесетина години, во македонските села речиси не постојат домови на култура или организирани културни движења. Сепак постојат неколку манифестации кои најчесто се одржуваат еднаш годишно кои колку-толку го нахрануваат духот на човекот кој решил да остане да живее и да создава на село без разлика на институционалната негрижа за македонското село која опфаќа многу аспекти меѓу кои и културниот аспект.

КОСТИНЦИ-НЕКОГАШНИОТ ДОМ НА КУЛТУРАТА  ДЕНЕС Е РУИНА

Во прилепско Костинци, кое некогаш било и општина, постоело и кино. Замислете кино  во рурална средина, кино кое денес го немаат и многу градски средини во Македонија. Голем дел од културните домови во селата или се пренаменети или се целосно руинирани или се срушени. И на луѓето во селата им се потребни културни содржини, културни домови, манифестации, фестивали…И тоа е еден од начините селата да не останат празни, барем оние во кои се уште има живот.

Во Новаци постојат Пелагонските научно-културни средби, манифестација која во годинава ќе наврши 25 години од нејзиното постоење. Во охридско Велестово, постои реномираната манифестација Поетска ноќ во Велестово, Вевчани преку КУД „Дримикол“ одолева на денешницата пласирајќи го својот богат  фолклор, Долнени се уште го има реномираниот фестивал на народни иснтрументи и песни „Пеце Атанасовски“, но малку села можат да се пофалат со богат или било каков културен живот.

Слоештица ни го дала еден од најголемите македонски писатели и поети чии реченици и стихови секојдневно ги користиме. Благодарение на Петре М. Андреевски, светот разбра за Слоештица. Десетици домашни и странски уметници  го посетуваат ова село, творат и го шират гласот за Слоештица, за Петре, за Македонија…Но, повеќедеценискиот напор на семејството на неговиот син, за остваштината од  Петре М. Андреевски да добие институционална заштита, изгубен е во лавирирнтите на бирократијата или немањето слух од надлежните за зачувување на материјалното и нематеријалното културно наследство.

ВРАТИТЕ ЗА МЕНМОРИЈАЛНАТА ПОСТАВКА НА АНДРЕЕВСКИ, НАЈЧЕСТО ЗАТВОРЕНИ ЗА ДОМАШНИТЕ И СТРАНСКИТЕ ТУРИСТИ

Семејството на сликарот Сергеј Андреевски,  син на Петре М. Андреевски уште во 2003-тата го формира меѓународниот центар за уметност и одржлив развој со идеја да го заживее селото во коешто Сергеј растел напојувајќи се од приказните на дедо му Мито. Се уште успешно го прават тоа, светот да го донесат  во Македонија, но и на светот да му ја прераскажат  суштинската Македонија.

Меморијалната поставка  на Петре. М. Андреевски  во Слојштица е во добра состојба, меѓутоа најчесто недостапна за многубројните посетители од државава и од странство.

„Кај нас сѐ уште стојат бројни артефакти што треба да ја збогатат нејзината содржина. За жал, таа е најчесто затворена, селаните сведочат за голем број заинтересирани, дури и полни автобуси, што се враќаат поради заклучените порти,“-велат Ирена и Сергеј Андреевски, снаа и син на Петре. М. Андреевски.

Согласно проектот во чиишто рамки беше формирана поставката, општината Демир Хисар требаше да го организира менаџирањето на задружниот дом, каде што е лоцирана и просторијата со изложбата.

„Според нас, менаџирањето на таа просторија требаше да биде издвоено од целиот комплекс, односно, наш предлог беше поставката да биде дел од Домот на културата во Демир Хисар и во неа да има вработено најмалку едно лице. А најсоодветно би било меморијалната поставка во чест на Петре М. Андреевски да биде под закрила на државата, како што е тоа случајот со Меморијалниот Музеј во с. Смилево и со родната куќа на Великанот Блаже Конески,“-велат тие.

Државата, како и во многу други случаи, не води сметка за своите истакнати личности, поточно за својата историја. Доволно е само да ги поминете нашите граници за да видите дека секаде има музеи, легати, спомен куќи на значајни луѓе од било која област, а најмногу од културата. Нашите соседи и сите други земји се гордеат со своите истакнати дејци.

„Затоа, сѐ што ни се случува низ годиниве, а особено во последниов период, кога сме приморани да го докажуваме и нашиот идентитет, е резултат на таа негрижа за сопственото културно наследство. А Петре не е само наш, тој му припаѓа и на целиот свет“-констатираат Ирена и Сергеј Андреевски.

Поетска ноќ во Велестово е фестивал што е препознатлив по својот уникатен концепт на организирање поетски портрет за еден етаблиран македонски поет, или, за јубилеите, за генерација поети. Покрај поетскиот портрет на фестивалот секогаш оимаме и ликовна изложба, а се одржуваат и мали музички концерти, во неколку наврати се одржале и поетски претстави и други активности.

Првите 20 години фестивалот беше национален, а потем, еве веќе 16 години е интернационален фестивал на кој ни гостувале значајни поетски имиња од Ирска, од Хрватска, од Русија, од Словенија, од Италија, од Норвешка, од Германија, од САД, од Кина, од Фарските Острови, од Грција, од Србија, од Бугарија, од Албанија, од Црна Гора, од Турција, од Словачка итн.

СЕКОЕ НОВО ИЗДАНИЕ СЕ РАЃА СО НЕИЗВЕСНОСТ И СО КОМПРОМИС

Самиот основач на фестивалот е велестовец, а и уште неколкумина од членовите на управниот одбор. Исто така, велестовци се вклучени во разни анктивности – од тоа да помогнат со расчистување на теренот (еколошка акција), до местењето на сцената, готвење локални специјалитети за гостите, обезбедување сместување за гостите а истите се верна публика на настаните.

„Како и сите книжевни фестивали, а особено поетските, заради некомерцијалната природа, се соочуваме со неизвесноста дали ќе обезбедиме доволно средства за да ја реализираме планираната програма. Честопати се наоѓаме во ситуација да правиме компромиси, но сепак, со поддршката од Општина Охрид и поддршката на Министерството за култура, како и другите средства што се обидуваме да ги обезбедиме со годишни апликации до разни странски фондови, спознорства, и склучувајќи партнерски договори со слични организации, како што се Хрватското друштво на писатели или Литературниот центар Мунстер од Корк, Ирска, при што тие покриваат дел од трошоцита за авторите што доаѓаат од нивните земји, успеваме да донесеме квалитетни автори што покрај тоа што се одлични поети, се и преведувачи, организатори на слични фестивали, уредници на книжевни списанија и слично, со што ја поттикнуваме и понатамошната соработка и културна размена со нив и со други соработници од земјите од коишто доаѓаат,“- вели Јулијана Величковска од Поетска ноќ во Велестово.

Пелагонски културно-научни средби при општина Новаци е здружение на граѓани што е формирано пред 25 години од група творци, дејци, писатели и поети по потекло од овој крај. Иницијаторот и креаторот на ова здружение и на манифестацијата е писателот д-р Цане Здравковски кој е родум од овој крај. Тој го дава и името на средбите – Пелагонски културно-научни средби. Придавката пелагонски е изведена од Пелагон, што е locus litterarius во делата на  д-р Цане Здравковски кој со називот Пелагон го нарекува неговото родно село. Ова име на Средбите содржи две димензии што го сочинуваат јадрото на нивната суштина, географска и творечка.

Уште од почетокот Пелагонските средби беа манифестација што ќе го стимулира уметничкото и научното творештво во општина Новаци и ќе ги мотивира творците од разни области да работат, да истражуваат и да презентираат теми значајни за ова подрачје како археолошкото наследство, историјата, фолклорот, традициите, литературата, образованието, географијата и тн.

Во овие 25 години постоење на Пелагонските средби учествувале повеќе од 150 автори кои својот придонес го дале со околу 500 трудови вкупно.

ОПШТИНА НОВАЦИ ИМА СЛУХ ЗА КУЛТУРАТА И НАУКАТА 

Од неодамна Зборниците од Пелагонските средби се наоѓаат во Конгресната библиотека во Вашингтон, а електронски верзии од последниве неколку зборници се достапни за нашите сонародници во Австралија.Сепак во овој случај, важно е да се истакне позитивната практика од страна на Општината Новаци,  која според претседателката на Пелагонски културно-научни средби, д-р Весна Калпаковска,  има разбирање за важноста на оваа културна манифестација.

„Предизвици секогаш ќе има, а ние сме многу благодарни за нив затоа што секогаш предизвиците се spiritus movens за акција и дејствување за наоѓање на решенија кои пак ја мобилизираат нашата креативност. Пелагонските средби им се многу благодарни на сите досегашни учесници, интересот за учество на средбите расте што нам ни прави голема чест и радост. Секоја година имаме по неколку нови учесници кои презентираат дел од нивното творештво. Ние не би упатувале апел за помош и поддршка, туку благодарност до нашата матична општина Новаци за повеќедецениската соработка и упатуваме отворена покана до сите што сакаат да се дел од нашата манифестација за нејзино натамошно збогатување и за зајакнување на синергијата,“- вели д-р Весна Калпаковска, претседател на Пелагонски културно-научни средби при општина Новаци.

Цицерон сметал дека како што земјата не може да даде плод без обработка, така и духот не може да се развива без негова обработка. Според него, обработката на духот всушност ја прави философијата.  Дали културата,  уметноста, културните манифестации, културните институции и луѓето што ја креираат  и пренесуваат културата се потребни нешта, личности и вредности во едно општество во кое културните институции пропаѓаат, а во образовниот процес има се помалку простор за култура, уметност и филозофија кои ќе го култивираат духот на идниот човек?

Дали се уште постојат шанси да се врати сјајот на македонското село, како извориште на традицијата, културата и уметноста кои го чинат битот на еден народ?

Пишува: Филип Димкоски

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Скршената тишина: Менталното здравје во Македонија меѓу стигмата и очајот

Собираш храброст, помислуваш дека можеби денес е денот кога конечно ќе ја изговориш вистината. Дека си уморен, дека не спиеш, дека ти тежи воздухот...

(ВИДЕО) Сашо Наков од Амфенол, избран за менаџер на годината

Кој е Сашо Наков - генерален менаџер на Амфенол Технолоџи Македонија од Кочани, компанија препознатлива по општествената одговорност, хуманост и грижа за заедницата.

Културата е секогаш на крај, a некогаш не е ни таму!

Истражување на Радио Пела: Кaко е третирана културата во македонските медиуми? По осумдесет години постоење, македонското радио се’ уште ги одржува емисиите „Мозаик“ и „Културна...