Проблемот со канализационите мрежи во Мало и Големо Коњари ќе биде решен, посочи при денешната работна посета на Прилеп вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски одговарајќи на новинарски прашања. Посочи дека дека овој децениски проблем во двете села се должи на нестручно планирање и проектирање на канализационите системи кои што започнаа да се поставуваат пред 12 години, поточно во 2014 та година. Николоски посочи дека за Мало и Големо Коњари се планираат и други проекти.
„Тоа се заостанати проблеми од други времиња и најтешко ми е кога зборувам за проекти кои што се почнати пред оваа Влада. Не сакам да се жалам никогаш не сум го направил тоа, затоа што не сакам да изгледа дека барам изговори. Но, навистина она што го наследивме е една катастрофална ситуација. Знам за проблемот и ќе го решиме. Исто така размислуваме за нови проекти за двете населени места, така што во следниот период заедно со општината ќе го решаваме и овој проблем. Ова се наследени средства од Европската инвестициска банка. Веројатно, од таму заборавиле дека воопшто и средства некогаш дале, а жителите сеуште се соочуваат со проблеми. Тоа е кога ќе се направи лошо планирање и лошо проектирање. Една од причините, за што инсистирам, кога работиме на нови проекти, е да потрошиме многу време и енергија на планирање и проектирање е токму ова. Подобро да потрошиме шест месец или година дена на планирање и проектирање, отколку после тоа да имаме со децинии проблеми. Затоа и претходно кога давав изјава кога реков за железницата, ние теоретски можеме и за две недели да почнеме карго сообраќај од Прилеп, но даваме период од шест до дванадесет месеци за кога ќе почнеме, никогаш да не застане и да се работи според план и да се работи согласно на што ќе го ветиме,“ рече вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски но, не посочи кога проблемот би бил надминат.
И двата системи за фекална канализација започнаа да се поставуваат 2024 та година. Од тогаш во Големо Коњари инсталирана е примарната мрежа, но системот на функционира. Во Мало Коњари поставени се препумпни станици и пречистителна станица и 50 тина домаќинства се веќе поврзани во канализациониот систем. Во повеќе наврати мини пречистителната станица која се наоѓа на влезот од селото, во непосредна близина на регионалниот пат Прилеп – Крушево и ООУ Страшо Пинџур не функционира што доведува до излевање на отпадната вода, предизвикувајќи неподнослива смрдеа и загадување на почвата, околината и многу лесно може да предизвика еколошка катастрофа. И двете канализациони мрежи сеуште се под надлежност на Министерството за транспорт и врски, така што за нивното менаџирање е задолжено министерството, а не Општина Прилеп, односно ЈП Водовод и канализација Прилеп.









