„Секоја Нова година носи нова шанса — да бидеме подобри, посреќни и посилни.“
Водени од оваа мисла, децата од драмското детско студио при НУ ЦК ,,Бели мугри“- Кочани, со голема љубов и посветеност ги подготвуваат сцените од претставата ,, Дедо Мраз и Аладин“, која ќе ја врати заборавената магија на празниците и која ќе ги стопли срцата на сите генерации.
Во центарот на приказната е принцезата Лена, која лежи тажна и болна – не затоа што не добила подарок, туку затоа што не го видела Дедо Мраз кога ѝ го оставал подарокот.
Но, нејзината тага не останува незабележана!
Ликови од најпознатите бајки се собираат обединети во заедничка мисија – да ја разбудат Лена и да ја вратат радоста во нејзиното срце.
Заедно, тие се соочуваат со предизвици, ја откриваат вредноста на пријателството и учат дека добрината и храброста секогаш победуваат.
Претставата симболизира: единство и заедничка сила, надеж и добрина, како и волшебство кое живее во секое дете.
Пробите се исполнети со смеа, креативност и детска енергија. Сцената и реквизитите се подготвуваат, костимите оживуваат, а секој лик добива свој глас.
Сања Гацовска, режисер на претставата
НУ ЦК „Бели мугри“
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









