Насилството раѓа само насилство – локалните акциски тимови клуч за превенција

Оригинален линк на написот: ИСТРАЖУВАЧКИ СТОРИИ

ПРИОРИТЕТИТЕ НА ЛОКАЛНИОТ АКЦИСКИ ТИМ – ПРИЛЕП

Образованието, едукацијата за меѓуетничкиот соживот и активната вклученост на младите во заедницата се во фокусот на Локалниот акциски тим од Прилеп за превенција од насилен екстремизам и тероризам, формиран во 2022 година, во моментот кога во Прилеп се случуваа низа насилни однесувања на млади луѓе и групи на млади. Општина Прилеп се вклучува во втората фаза од проектот за зајакнување на отпорноста на локалните заедници од насилен екстремизам спроведен од Центарот за заедничка основа за поддршка  и имплементација  на Националната стратегија и акциониот план на националниот координатор во борба против насилен екстремизам и тероризам.

Прилеп во тој период важеше за една од најнебезбедните општини и мислам дека во вистинско време се вклучивме како Совет на Општина Прилеп и извршната власт, односно Градоначалникот во спроведување на овие мерки за превенција од она што би се случувало во иднина. Иако, за тогашната безбедносна состојба требаше посериозно да внимава Министерството, односно, одделението за внатрешни работи, овде во нашиот град. Од 5 општини кои што беа избрани, единствена беше Прилеп од Пелагонискиот регион, односно од овој регион кој што е со почист етнички состав во нашава република и сум искрено многу задоволен затоа што направивме еден сериозен прогрес и напредок по однос на ова прашање, вели неодамнешниот претседател на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, кој го водеше акцискиот тим во Прилеп.

Целта на тимот е да делува во создавање на меѓуетничка интеграција, верска и национална комуникација во заедницата без насилство, со почитување на различностите, а во акцискиот план за борба против  насилството се активности  за социјална кохезија, градење доверба помеѓу претставници од различни заедници, преку спортски и културни настани на кои младите се доближуваат, а истовремено да учат да комуницираат меѓу себе на еден ненасилен начин, вели Проданоски, објаснувајќи го начинот на превенирање на Акцискиот тим:

„Ние како општина определивме приоритет да биде превенцијата, односно младите луѓе да ги научиме како не треба да се однесуваат и како образовните работници да го препознаат уште од мали нозе она што таму е најчесто изразено преку врсничкото насилство – булингот. Направивме неколку настани, на кои што целта беше да им покажеме на младите дека како врсници нема никаква разлика меѓу нив, бидејќи тоа можеби е една од најголемите причини за настанување на вакви радикални појави во општеството – непознавање на оној кој што ти е сожител, непознавање на оној што има различно религиозно убедување, непознавање на оној кој што е од различно етничко потекло.  Се вклучивме во „Мрежа на силни градови“ („Strong city`s network“) во регионов на Западен Балкан. Споделивме искуства од сите држави од Западниот Балкан, како тие го третираат и се соочуваат со ова прашање. Понатаму, се вклучивме и во Интернационална организација за ресоцијализација и репатријација на борци кои што беа во војните исламски на Блискиот исток, иако кај нас е мал бројот на случаи. Ја вклучивме општината заради тоа што е административен центар на соседните општини, каде што имаше појава на неколку случаи на семејства и учесници на борци во тие војни кои што се водат и во Сирија, кои учествувале на страната на ИСИС и се вратиле назад, односно требаше за нив да се направат процеси на репатријација итн. И тоа е дел,  како општина сме го направиле во насока на подобрување на околностите за да не се случуваат такви екстремни ситуации,“ вели Проданоски.

ПРЕВЕНЦИЈА ОД НАСИЛНИОТ ЕКСТРЕМИЗАМ ПРЕКУ ОБРАЗОВАНИОТ ПРОЦЕС

Во Акцискиот тим за борба против насилниот екстремизам и радикализам во Прилеп се вклучуваат и образовните институции. Тереза Златеска, директор на  СОУ „Орде Чопела“ вели дека како мултиетничко училиште преку низа наставни и воннаставни активности денеска работат на меѓуетничка интеграција и социјализација на средношколците:

СОУ „Орде Чопела“ е вклучено во изработка на Националните акциски планови, стратегии за идентификација и спречување на насилството, на радикализмот, екстремизмот и тероризмот преку низа на обуки и спроведување на истите тие. Во програмата за работа на СОУ „Орде Чопела“ секако е даден простор за активности во кои што се идентификуваат и случуваат различни девијантни појави кои што се појавуваат кај учениците. Овие девијантни појави се манифестираат често пати со гнев, револт, насилно однесување, агресивно однесување кон соучениците, но и кон наставниците и родителите. Ние како училиште се трудиме да создадеме добра училишна клима, значи да обезбедиме едно безбедно училиште и затоа промовираме другарство, солидарност, емпатија и почитување. Во СОУ „Орде Чопела“ не само што учат ученици од различна националност, верска определба и социјален статус, туку учат и ученици со посебни образовни потреби и ние за да ги надминеме разликите и да ги разрешиме конфликтите реализираме во училиштето голем број на активности: имавме заеднички патувања, посета на културно – историски споменици, реализиравме настан „Национална кујна“ и преку овие активности се обидуваме да промовираме мултикултурализам и прифаќање. Се разбира нашето училиште добро соработува и со Центарот за социјална работа, со Полицијата, со Локалната самоуправа и со останатите граѓански организации и се реализираат голем број на обуки на различни теми како што се: сајбер насилство, малолетничка деликвенција, булинг и слично,“ вели Златеска.

НИТУ ЕДНА РЕЛИГИЈА НЕ ПОТТИКНУВА НАСИЛСТВО – ВО АКЦИСКИОТ ТИМ ВКЛУЧЕНИ И ВЕРСКИТЕ ЗАЕДНИЦИ

 

Во  креирање и спроведување на локални стратегии и планови за спречување на насилен екстремизам учествуваат и лидерите на верските заедници. Верскиот лидер  од џамијата „Тризла“ – Прилеп, Алмир Сулејманоски вели дека важно е верската заедница да делува во спречување на девијантните појави кои се случуваат во заедницата и кои можат да бидат причинители за оваа појава, особено кај младата популација, па затоа тој активно работи на превенција со верниците:

Јас како верски службеник најмногу внимавам на тоа. Морам да напоменам дека ниту една религија не поттикнува на насилство, тероризам итн.. и не постои за мене исламски тероризам, туку тоа е идеологија на некои личности кои за своја цел сакаат да придобијат нешто. Ние најмногу го осудуваме тоа, иако виртуалниот свет премногу зема замав во тој дел.  Но, работиме особено со младите за да не се појават такви размислувања и идеологии. Со младите правиме едукативни  верски предавања со цел да не влијае тој вертуален свет кај младата популација,  иако досега не сме се соочиле со такво нешто. Но, нашата должност како верски лидери е да ги едуцираме младите на правилно, разумно толкување на верските прописи,“ вели тој.

ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО АКТИВНО ВО ПРЕВЕНЦИЈА НА НАСИЛНИОТ ЕКСТРЕМИЗАМ МЕЃУ МЛАДИТЕ

Младите луѓе се важен фокус во спречувањето на радикализацијата, бидејќи тие се најранлива група во општеството. Чувствата на неправда и фрустрација за нивната социјална исклученост се меѓу главните причини кои придонесуваат за ранливоста на младите луѓе и ја зголемуваат нивната подготвеност да се придржуваат на екстремистички, понекогаш насилни групи.

Корените на насилниот екстремизам започнуваат од насилството кај младите, кој е во пораст, потенцираат од невладината младинска организација Коалиција СЕГА кои креираа „Позициски документ со препораки за превенција на насилен екстремизам меѓу младите“. Според нивното истражување направено во 2019  и во  2023 насилството кај младите од 35% бележи пораст на 39 %.

Ние како Коалиција СЕГА уште тогаш 2019 та испративме јавни пораки до донесувачите на одлуки и креаторите на политики дека сериозно треба да се превенира и да се третира прашањето на насилство. Зошто? Бидејќи корените на насилниот екстремизам започнуваат токму од насилството кое што се појавува во ран развој на младите луѓе. Во 2019 та година истражувањето покажа дека 35% од младите во Македонија биле жртви на насилство. Во 2023  година направивме ново истражување во кое што исто така ја третиравме проблематиката насилство, односно врсничко насилство, насилство помеѓу учениците, насилство помеѓу млади и видовме дека во 2023 година 39 % од младите се жртви на насилство,“ вели Зоран Илиоски од невладината младинска организација „Коалиција СЕГА“ .

И, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа-Прилеп е вклучен во работа  на Локалниот акциски тим за борба против насилниот екстремизам и радикализам. Оваа институција работела со неколку повратници, на доброволна основа,  на нивна рехабилтитација, ресоцијализација и реинтеграција кои отслужувале затворска казна во Казнено поправниот дом во Прилеп, а година и пол  стручен тим работел со едно повратничко семејство од Сирија, мајка и две деца, кои неодамна се отселиле од регионот. Но, во моментов, велат оттаму, немаат евидентирано други повратници и повратнички семејства во регионот.

                  НАСОКИ  И ПРЕПОРАКИ

Општина Прилеп веќе се позиционира во превенција од насилен екстремизам, но се свесни дека за  елиминирање на оваа појава, клучно е да се инвестира повеќе во превентивните мерки, особено насочени  кон младите:

„Во таа насока треба да се продолжи, да се работи со младите луѓе, а од друга страна институциите на системот треба многу сериозно да пристапат кон спречување на она што во иднина може да се случи, да се  запознаваат, да си имаат истурени припадници на сите сили кои што работат: на Центар за социјални работи, психолози по училишта, психолози по Казнено поправни установи, психолози по институции за згрижување на  малолетници кои што направиле некои деликти, да се ресоцијализираат тие луѓе. Да се намали притисокот врз нив и на некој начин да им се претстави дека повторувањето на делата е навистина лошо и треба да се направат можеби дополнителни законски измени за оние кои што ги повторуваат делата, а се однесуваат на загрозување на општата безбедност. Мислам дека превентивната улога, не само репресивната, а Министерството за внатрешни работи тука да изигра поголема улога да работи на едукација на децата. Екстремизам имате во сообраќајот, екстремизам имате во движењето по улица, се’ може да биде екстремна ситуација ако некој се осуди да ја загрози безбедноста на останатите, а за тоа, да не се повторувам повеќе пати, треба сите фактори во општеството вклучително и локалната самоуправа и Советот на Општина Прилеп и сите органи од централната власт да работат во насока на подобрување на односите внатре во заедницата,“ вели Дејан Проданоски пратеник и до неодамна предводник на Акцискиот тим во Прилеп за спречување на насилниот екстремизам и тероризам.

„Сметам дека се потребни повеќе обуки на наставниците да научат да ги препознаваат ризиците од насилниот екстремизам и радикализација и се разбира, поголема вклученост на медиумите во нашите напори да промовираме заеднички вредности, толеранција и дијалог и за крај дека е потребно подигнување на свеста на младите за медиумска писменост за да знаат како да ги филтрираат сите информации кои што ги добиваат од интернет“ вели директорката на средното училиште во Прилеп, Тереза Златеска.

„Потребно е да има повеќе едукативни акции, трибини. Најдобро е оние кои го креираат верскиот живот на самата заедница, да имаат воспоставена комуникација, да седнат зеднички да го решаваат проблемот за да ги насочат верниците кон правилно толкување на верата“ потенцира верскиот лидер, Алмир Сулејманоски.  

Редовно усвојување на акцискиот план за спроведување на стратегијата и мерките за превенција  за справување со насилениот екстремизам, вклученост на младите во заедницата и во одлучувањето ќе придонесат во градењето на капацитет за  превенција, а тоа е важно за рано препознавање на знаците кои укажуваат на насилен екстремизам и/или радикализација, сметаат од граѓанскиот сектор.

„Зошто е важно да се превенира?! Бидејќи делот на превенција вклучува многу институции, и кроссекторската или меѓусекторската соработка треба да биде на прв план. Тука треба да се вклучат Министерството за образование, Министерството за труд и социјална политика, социјалните служби, Полицијата, правосудниот систем…  Сите овие треба да работат во една спрега за да делуваат во превенција на насилството, доколку сакаме ние да го превенираме насилниот екстремизам. Нивниот пат, на поединците, започнува токму од училиштетото, односно од возраста каде што тие се однесуваат насилно, особено со своите врсници. И, на крајот завршуваат на позицијата, на членови на терористички или насилно екстремистички групи.  Локалниот тим мора да се позиционира во заедницата, кога кажувам да се позиционира, да го изгради својот авторитет над, врз локалните институции кои што се во општината. Да обезбеди редовна комуникација и координација, доколку е возможно со сите нив, за да се видат кои се нивните мерки и стратегии кои што ги преземаат во насока на превенција.  Второ, одговорноста е на Општината, бидејќи самиот тим е дел од Општината, да изготви сопствен план, годишен план на активности кои што ќе ги поддржува или ќе ги реализира Општината заедно со сите останати институции и организации на општинско ниво. Без тоа не можеме и не смееме да се надеваме дека ќе сториме  нешто повеќе на локално ниво или било која локална заедница бидејќи главната препорака е дека:  Општините мора да станат свесни дека тие се одговорни за безбедноста на своите граѓани во своето место на живеење. Не може општината да чека Државата да го гарантира безбедносниот интегритет,“ вели Зоран Илиоски претседател на Младинска организација „Коалиција СЕГА“.

По парламентарните избори Прилеп останува без активен Акционен тим за делување против насилниот екстремизам и радикализам, бидејќи двајца членови  од советниците се пратеници. Со тоа, Локалниот акциски тим – Прилеп за превенција од насилен екстремизам и радикализам е во мирување и во очекување на новиот состав кој треба да продолжи со реализација на зацртаниот акциски план на општината за превенција од насилен екстремизам.

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Балонот наречен сиромаштија

– Затоа што немаат луѓето леб да си купат, вадат од контејнерите. По фурните чекаат луѓето за леб вратен од 20 денари, Билјана Шеќероска,...

Кочанскиот ориз како храна и лек

Производството на ориз во Македонија е концентрирано главно во источниот дел од Македонија, по течението на реката Брегалница, најмногу во кочанскиот регион. Долгата традиција во...

Македонското семејство преживува под притисок: Споредба на животниот стандард и синдикалната кошница

Пишува, Наташа Доковска Во последните неколку години, животниот стандард во Македонија се наоѓа под притисок од зголемените трошоци за живот и стагнацијата на платите. Многу...