Менувачкиот бизнис во Македонија и натаму останува профитабилен сегмент од финансискиот пазар. Анализата на Пари, изработена врз основа на податоците на Бизнис мрежа, покажува дека 195 менувачници во текот на минатата година оствариле вкупен приход од 18,7 милиони евра и добивка од 1,2 милиони евра. Иако приходите пораснале за 12,8 проценти во споредба со 2024 година, профитот бележи намалување од 3,46 проценти. Во секторот работат 371 лице, а просечната месечна плата достигнала 25.412 денари.
Најголем дел од прометот е концентриран кај мал број компании. Десетте најголеми менувачници оствариле повеќе од 78 проценти од вкупниот приход во секторот. Апсолутен лидер е менувачницата „Пепи“ од Виница, која сама реализирала речиси 9,9 милиони евра приход.
Зад неа следуваат тетовските менувачници „Трејо“ со 1,5 милиони евра и „Гаекс“ со 1,1 милион евра. Интересно е што меѓу десетте најголеми според приход има само три менувачници од Скопје.
Според анализата на „Пари“, високата позиција на виничката менувачница може да се поврзе со значителниот прилив на девизи од иселениците кои живеат и работат во западноевропските земји, особено во Италија и Швајцарија. Најголем процентуален раст на приходите е забележан кај скопската менувачница „Инез“, каде што приходот скокнал од само 60 евра во 2024 година на 188,9 илјади евра лани.
Но, високите приходи секогаш не значат и најголема заработка. На листата според добивка ја нема менувачницата „Пепи“, која и покрај милионските приходи пријавила добивка од само околу 1.900 евра.
Најпрофитабилна менувачница во Македонија е „Форекс-Плус“, која остварила добивка од 318,3 илјади евра и самостојно учествува со повеќе од една четвртина во вкупната добивка на секторот. Следуваат „Апридо“ со 141,1 илјада евра и струмичката „Глигорови-БМС“ со 77 илјади евра.
Вкупната добивка на десетте најуспешни менувачници достигнала 751,9 илјади евра, што претставува речиси 63 проценти од профитот на целиот сектор. Податоците покажуваат дека и покрај дигитализацијата на финансиските услуги, менувачниците остануваат важен канал за готовински девизен промет, а неколку компании и понатаму ја диктираат динамиката на овој специфичен пазар.
Пари.мк
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









