Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Тим Исток“ – Кочани, во рамки на проектот „ Зајакнување на соработката за локално влијание врз јавните политики за справување со отпад во Општина Кочани “, соноќа во ЦК „Бели мугри“ во Кочани организираше Јавна трибина на тема: „Намалување на отпадот со цел заштита на животната средина – примена на законски регулативи за намалување на депонирање на отпадот“.
Главна цел за одржување на овој настан е подобрување на информираноста, транспарентноста и учеството на граѓаните и институциите во справувањето со неопасен отпад, како и јакнење на владеењето на правото во областа на животната средина преку поефикасно административно и кривично спроведување, во согласност со европските стандарди и Зелената агенда за Западен Балкан.
-Отпадот не е проблем само на оние кои менаџираат со него. Отпадот е проблем на сите нас. Сите ние од една страна сме негови жртви чувствувајќи ги последиците од неговото несоодветно одлагање и третирање но од друга страна пак сме главни виновници за неговото настанување. Сите ние имаме право на чиста и здрава животна средина, но имаме и обврски правилно да делуваме за да ја зачуваме животната средина чиста и здрава, смета Ирена Мирчовска, претседател на Здружението Еко Тим Исток.
Во своето обраќање, пак, градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов истакна дека одржувањето на хигиената и уредувањето на јавните простори е еден од приоритетите кои ќе се реализираат во наредниот период.
-Оваа недела детектиравме 21 мини депонија во централното градско подрачје, дневно исфрлавме по 30 камиони отпад и досега исфрливме над 300 камиони по околу 5-6м3 отпад. Управувањето со отпад не е само административно прашање, тоа е прашање во делот на здравјето, екологијата, економијата, социјалата, безбедноста. Во периодот што следи нашата општина решително ќе се насочи пред се кон воведување на современи системи за селекција на отпад, подобрување на инфраструктурата за рециклирање, образовни кампањи кон граѓаните, создавање на нови навики и свест за одговорно постапување со отпад, партнерстав со научни институции, работење врз база на добри практики и засилување во делот на спроведување на законски регулативи, рече од говорницата, кочанскиот градоначалник Грозданов.
На трибината учествуваа д-р Елена Тортевска – претставник од Центар за јавно здравје – Кочани, м-р Биљана Митева – лиценциран управител со отпад и сопственик на Екопроект-Ко- Кочани, проф. д-р Иван Ефремовски – декан на правниот факултет при Меѓународниот славјански универзитет, Сузана Спасова – претседател на Основен суд – Виница и Трајче Здравков – директор на Центарот за развој на Источен плански регион. Сите говореа од аспект на своето работење и ги презентираа начините за примена на законските регулативи, додавајќи свои согледувања за унапредување на управувањето со отпад.
Синоќешната трибина претставува активност што се реализираше во рамки на проектот „Зајакнување на соработката за локално влијание врз јавните политики за справување со отпад во Општина Кочани“. Имплементатор е „Еко Тим Исток“ и истиот дел од програмата за подгрантирање – „Добро владеење во животната средина на Зелена Агенда за Западен Балкан” на Центарот за правни истражувања и анализи, Македонското здружение на млади правници и Фронт 21/42. Финансиски подржувач е Европската унија.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









