Изложба на фотографии „Булки“ од прилепскиот уметник Милан Темелкоски

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ на 9 мај, петок, во 18.00 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии „Булки“  од прилепскиот уметник Милан Темелкоски.

Милан Темелкоски е етаблирано фотографско име од Прилеп, роден во 1953 година. Пензиониран е, но не и од фотографијата – страст што ја негува повеќе децении. Неговото име е длабоко врежано во македонската фотографска сцена, посебно преку неговата работа во Институтот за старословенска култура – Прилеп и преку долгорочната и плодна соработка со Народниот театар „Војдан Чернодрински“ и истоимениот фестивал.

Неговото творештво е особено препознаено во областа на археолошката, музејската и театарската фотографија, каде што умее да долови и документира културно-историски вредности со прецизност и емоција. Со текот на времето, Темелкоски поминува низ сите технолошко-естетски трансформации на фотографијата, но останува верен на автентичниот визуелен израз и на природната светлина. Оваа изложба ја претставува неговата понова авторска фаза, инспирирана од природата и пејсажот – со посебен акцент на дивите цветови што мајка му Панде ги нарекувала божуриги, поим кој сега за него има силна сентиментална вредност. Милан Темелкоски не фотографира само за окото – тој создава за да ги поврзе: човекот со природата, минатото со сегашноста, поетското со документарното.

Изложбата носи едноставен наслов — Булки, но зад него се крие подлабока, лична приказна на Милан Темелкоски. Во говорот на неговата мајка Панде Темелкоска, булките биле нарекувани „божуриги“ — збор што авторот со љубов го задржува како дел од мајчиниот јазик и детските сеќавања. Тоа име, всадено во говорното и емоционалното ткиво, денес живее во ново светло — пред неговиот објектив. Поттик за изложбата е една пејзажна слика на сликарот Кирил Гегоски, долгогодишен пријател на Темелкоски, на која булките се прикажани во прилепската околина, уловени од неговото набљудувачко око. Тоа сликарско доживување остава силен впечаток кај Темелкоски, кој чувствува потреба да ги забележи овие цветови и во својот медиум — фотографијата. Така, божуригите стануваат повеќе од мотив, тие се сеќавање, симбол и визуелна медитација. Најголем дел од фотографиите се направени на Плаошник. Булките не се осамени, туку се дел од поширок пејзаж, во дијалог со старите камени ѕидини, зелените падини и бескрајното охридско синило. Црвенилото на булките и синилото — небесно или езерско — се присутни речиси на секој кадар, како визуелна порака за нужното единство меѓу човекот и природата. На сликите е присутна и успокојувачката питомина на планината Галичица и зелените прегратки на шумичките околу Плаошник и Самоиловата тврдина.

Темелкоски снима од различни ракурси, со изразена смисла за композиција и длабока почит кон мотивот. Нему му се туѓи технолошки егзибиции што би ја нарушиле автентичноста на пејзажната глетка. Секоја фотографија дише тивко, но присутно — како сведоштво за нешто што вреди да се забележи, но и да се почувствува.

Во булките е симболиката на животот и минливоста, на љубовта и смртта, на невиноста и отпорот. Нивната појава во нашите речници како „див афион“ или „тутенка“ сведочи за културна длабочина, распослана од антиката до денес. Во тој спектар, фотографиите на Темелкоски нè потсетуваат — на тишината на пејзажот, на вредноста на споменот, и на убавината што преживува. Изложба што носи возбуда и обврзува на паметење – вели Слободан Беличанец

 

 

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Во СОЕПТУ „Кузман Јосифоски Питу“ Прилеп интересот на полуматурантите насочен кон економската струка

Како и изминатите две години покрај електронското пријавување, учениците и денеска физички ги доставуваа оригиналните хартиени документи во училиштата во кои аплицираат. Дека стручното образование е во фокусот на полуматурантите покажува интересот за упис и во  средното економско-правно училиште СОЕПТУ „Кузман Јосифоски Питу“ Прилеп. Првиот уписен рок – електронското пријавување...

Уште една донација за Прилепската болница – „џебен“ ултразвучен апарат од Сојузот на тутунарите

Прилепската болница на иницијатива на пензионираниот доктор Златко Савоски доби донација – ултразвучен апарат од Сојузот на тутунарите кој ќе се користи на интерното одделение, првенствено во Центарот за дијабет, како и во другите одделенија кај хоспитализирани пациенти без да бидат транспортирани за дијагностика со ултразвук. Ова е прв ваков...

(ВИДЕО)Голем интерес за упис во средно стручно образование во Прилеп

Заврши првиот уписен рок за ученици во прва година средно образование за учебната 2026/2027 година. Полуматурантите се пријавуваа електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, а денеска и утре, потребната документација се доставува во училиштата каде учениците конкурирале.  Прелиминарно, најголем интерес има за медицинските струки. Радио Пела посети дел од средните стручни училишта...