Откупот при крај. Остануваат уште 30 денови до крајот на законски утврдениот рок за преземање на реколтата 2024/25, до кога и откупувачите и производителите имаат одредени законски обврски што мора да се испочитуваат. Изненадува што од предвидените 18 до 20 милиони „се појавија“ дополнителни 3, 5 милиони кгр произведен тутун што се носат во компаниите за продавање. Прашањето е дали овие бројки се реални, од каде се појавија овие килограми, има ли легален/нелегален увоз на непреработен ориентален тутун во Македонија?
– Откупoт е при крај, негде е околу 90% е откупен тутунот, останати се уште 10%. Причините за зголеменето производство има повеќе: Прва причина е од продолжената вегетација при самата берба на тутунот; втора е купување на влажни тутуни и трета работа е неодбивањето на кало на картоните. Причините за мене се тие, за толкаво големо производство. Последните податоци кои што ги имамe се 23 милиони 435 илјади кгр тутун. Има уште 10% тутун, така што и купувачите ќе ги редукцираат откупите. Работат со капацитет од 20% откупни пунктови, меѓутоа се должни до крајот на 28 февруари да остават дежурни пунктови, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.
Заклучно на 28 февруари завршува откупната реколта за оваа година. Интересно е на што се должат ваквите поголеми количини на произведен тутун? Дали се тие реални?
-Реално према нас, како Сојуз не (не се реални). Како бројка реална е, тие се внесени во системот и дека се откупени 23 милиони кгр. Меѓутоа таа бројка е добиена од влажни тутуни, од неодбивање на калото, на самите картони. Сето тоа си придонесе за таа бројка на производен тутун, вели Ристески, додавајќи дека доколку се вршела проценката реално, со вкалкулирани одбитоци – повеќе од 20 милиони не би поминало производството на актуелната реколта.
Но, официјалните претставници на тутунарите алармираат за информации кои доаѓаат до нив, кои сеуште се непроверени, а за тоа треба да се погрижат надлежните институции:
– Дел од компаните купениот тутун после 2-3 дена го враќаат – што законски не е дозволено! За понатамошни сознанија треба да се обратите директно кон компаните врз основа што му го враќаат купениот тутун. Од нас никој не побарал да интервенираме за овие вратени количини на тутун. Меѓутоа дојдено е и до нас, шпекулација или вистина е дека делот од купениот тутун се враќа, понатаму што се прави со тој тутун не знаеме, посочува Ристески и додава дека во однос на евентуален увоз (легален или нелегален) на тутун тие немаат информација.
Најважно според Сојузот на тутунски здруженија е да се востанови систем на реална проценка според класи и квалитет за да се поттикне развојот во овој економски – земјоделски сектор од кој што голем бенефит има државата со девизен прилив од 120 милиони евра годишно.
Министерот Трипуновски формира работно тело кое што треба да се погрижи наскоро да се добие нов правилник за склучување на договори за новата реколта, реална проценка на квалитетот на производството според класи. Најважно е трудот да се плати и да се исплати, велат тутунарите, задоволни од заработката за која што се надеваат дека ќе биде поголема за наредната реколта.
Што значи сериозно и соодветно?
Помалку политика, а повеќе економска логика и мерки. Бидејќи станува збор за производ наменет за странски парнери – прилагодување на нивните потреби. Ланскиот откуп со прибирање на се’ и вредно и невредно во една класа даде лош сигнал за странските компании, но и за македонските примарни производители. Оштетени беа и едните и другите.
Реколтата 2024/25 која сега е за откуп уште од почетокот беше со „фабричка грешка“! Зошто? Намерно или не, договорите содржеа цени кои беа идентични со оние од претходните две години. Зошто? Бидејќи во Законот за тутун и тутунски производи не постои клаузула со која тутунарите се на исто рамниште со откупувачите. Да, секоја година има преговори за цените пред почетокот на секоја реколта, но на крајот, поради ваквата легислативна недореченост, намерно или не, одобрението или забелешките на претставниците од тутунопроизводителите за предложените цени на никого не му се важни, ниту на откупувачите, ниту на државата. Па така, тутунарите во периодот на расадопроизводство се ставени во шах – мат позиција бидејќи без договори противзаконско е да се произведува оваа земјоделска култура. Тоа е време за планирање на површините, тоа е време за планирање на инвестицијата која во тутунопроизводството трае цела година, за да се исплати на крајот од откупот.
Единствено што вреди да се напомене е дека од годинава државата се пофали дека ги вклучи тутунарите за зелена нафта, така што по површина ќе добиваат и дополнителни 6 000 денари од хектар.
Земјоделците се слободни луѓе, не се робови!
На крајот на краиштата не е до фалбите, туку до реалните чекори кои власта треба да ги има во предвид дека тутунарите, земјоделците, оризарите, градинарите, овоштарите, сточарите не се робови, туку се слободни луѓе, кои свесно и чесно пристапуваат кон работата, кон земјата која ги храни нив и нивните семејства. Зашто секое земјоделско семејство, стопанство е фабрика чиј што производ доколку не се почитува, не се бара, и соодветно не се вреднува на пазарот – нема ниту да се произведува. Впрочем, тоа и се случува во земјоделството последниве 5 години. За реалната слика не се потребни податоци, доволно е со поглед да се увериме во пустелијата низ Пелагонија: напуштени ниви, обраснати со трње, се’ помалку добиток, се’ помалку млади кои водат земјоделски стопанства или помагаат во нив.