Прилепчанката Даниела Перканоска менаџер на Авто Контрол Станица за технички преглед е меѓу 30 најуспешните жени менаџерки во Македонија во изборот на Агенцијата Марили. На свечена манифестација што ќе се одржи во Скопје, утре, 23 април, агенцијата по јубилеен 30-ти пат ќе ги додели признанијата на најуспешните жени менаџерки од земјава како сублимат од досегашните годишни избори на најдобрите жени менаџерки изминативе години.
Даниела Перканоска пред четири години во 2022 година го доби признанието на годинашната манифестација „Избор на најуспешни жени менаџери“ од агенција „Марили“. Годинешното признание има уште поголема тежина бидејќи е јубилејно и претставува уште поголем поттик за успех на избраните менаџерки. Перканоска како генерален менаџер на Авто Контрол Прилеп со нејзиниот континуиран успех во водење и развивање на компанијата е една од ретките менаџерки што ќе се закити со ова престижно признание, а работи надвор од главниот град.
Јубилејното издание на „Избор на најуспешни жени менаџери 2026“ ќе обедини бизнис-лидерки од различни сектори, кои со својата работа оставиле значаен белег во македонската економија. Годинава ќе бидат наградени 30 менаџерки, избрани врз основа на строги критериуми, меѓу кои најмалку десетгодишно успешно управување во приватниот сектор, континуирани деловни резултати и препораки од деловни партнери.
– На јубилејната манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери 2026“ ќе бидат наградени 30 жени менаџери за долгогодишно, континуирано, успешно менаџирање и траен придонес кон македонската економија. Лауреатките се избрани по неколку критериуми, меѓу кои успешно менаџирање најмалку 10 години во приватен сектор, успешна компанија во континуитет од целата држава и од разни дејности и сектори. Сите менаџерки се препорачани од нивните деловни колеги и партнери за нивното извонредно менаџирање и професионалност – информира „Марили“.
Наградата што ќе ја добијат лауреатките е статуетката „Жена водилка“, авторско дело на штипјанецот Никола Смилков.
Меѓу годинашните лауреатки се менаџерки од финансискиот сектор, здравството, индустријата, услугите и претприемништвото, што ја потврдува разновидноста и силата на женското лидерство во земјава.









