Во Националната установа ЦК „Бели мугри“ синоќа во Кочани е промовирана книгата „Ѕвездите светат бесконечно“ од група автори, посветена на загинатите, повредените и хероите од трагедијат што се случи на 16 – ти март годинава во дискотеката „Пулс“ .
Во книгата се поместени поетски творби и прозни дела создадени од 75 автори од Битола, Прилеп, Крушево, Кочани, Пехчево, Кичево…од цела Македонија и од наши иселеници. Издавач е книжевниот кружок „Васил Иљоски“ од Крушево. Средствата од продажбата на книгите се наменети за повредените од Кочани.
– Ова е наше прво издание, прва збирка што ја посветуваме на ангелите и хероите.
од Кочани што се бореа да спасат што повеќе млади животи. Напишана е многу искрено, вредна е и наменета за читатели од сите возрасти. Книгата е замислена да биде камен темелник на сеќавања и оддава почит кон децата и младите што ги загибија животите и кон оние што се бореа за нив, рече на промоцијата за Радио Кочани, Валентин Тасевски, библиотекар и претседател на книжевниот кружок „Васил Иљоски“ од Крушево.
ЦК „Бели мугри“, промоцијата на книгата „Ѕвездите светат бесконечно“ ја организираше по повод 25 ноември, денот кога е отпечатено првото издание на култната стихозбирка на Кочо Рацин – „Бели мугри“.
Промоцијата беше дополнета со музички точки и ликовна изложба на членови на Школата за сликање и цртање при НУ од Кочани. Сликите беа подарени на родители на починати во трагедијата од 16 – ти март и на автори во промовираната книга.
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









