На денешната 14. седница на Советот на Општина Кочани, градоначалникот Владко Грозданов информираше дека е во тек донаторска акција преку која се очекува Кочани да добие минимум три електрични автобуси, а можно е да пристигнат и дополнителни комбиња за потребите на локалниот јавен превоз.
Како што истакна Грозданов, обврска на локалната самоуправа ќе биде да обезбеди соодветни паркинг места и базна станица за автобусите, при што во моментов се работи со експерти околу подготовката и поставувањето на базната станица.
Очекуваме минимум три електрични автобуси, а би требало да пристигнат и неколку комбиња, со што дополнително би се прошириле линиите и локалниот транспорт во градот – посочи градоначалникот.
Ова прашање беше отворено во рамки на точката „Предлог-одлука за изменување и дополнување на Одлуката за основање јавно претпријатие за стопанисување“.
Од правната служба на Општина Кочани беше образложено дека претпријатието претходно било регистрирано во Централниот регистар, биле избрани надзорен и управен одбор и бил донесен статут, но процесот запрел поради повеќе причини, а точката на дневен ред била изгласана во рамки на претходниот совет.
Во меѓувреме се променија условите на пазарот за обезбедување и купување електрична енергија, поради што претпријатието не функционираше во правниот и финансискиот промет. Со оглед дека веќе имаме формирано претпријатие, заради рационалност и економичност, предлогот е да се прошири неговата дејност за да профункционира како посебно јавно претпријатие формирано од Општината – беше истакнато на седницата.
Според најавите, рокот за поставување на базната станица и реализација на набавката е 12 месеци.
На прашање од советникот Иван Мишев до кога треба да биде функционален системот, градоначалникот Грозданов одговори дека најпрво е потребно јавното претпријатие да биде целосно функционално на документациско ниво за да може Општината да аплицира на актуелните повици.
Во моментов имаме можност да аплицираме на два повика. Едниот е преку Владата, каде се набавуваат електрични автобуси, а другиот е преку донаторската кампања. Ми се чини дека повеќе автобуси би можеле да пристигнат преку донаторската акција, но сепак ќе конкурираме на двете места – рече Грозданов.
Предлог-одлуката беше усвоена со 18 гласа „за“.
Д. Николов
Содржината на објавата е сопственост на Радио Кочани.









