Блага Петреска, добитничка на Наградата за животно дело на Фолк Фест Валандово 2026

Оригинален линк на написот: Radiopela.mk

Фолк Фест Валандово 2026 со особена чест ја доделува Наградата за животно дело на Блага Петреска, доајен на македонската народна песна и едно од најзначајните женски вокални имиња во поновата историја на нашата музика.

Блага Петреска е пејачка која со децении ја носи македонската песна со достоинство, препознатлив глас и искрена емоција. Нејзините изведби останаа блиски до публиката, а нејзиното име е врзано за песни што се пеат, се паметат и се пренесуваат од генерација на генерација.

„Блага Петреска е добитничка на Наградата за животно дело на Фолк Фест Валандово 2026 затоа што е доајен на македонската народна песна. Таа ни подари некои од најголемите хитови токму на овој фестивал. „Ти ме предаде“, „Заљуби се“ и „Пеам да не заплачам“ станаа нераскинлив дел од нашето музичко наследство, а нејзиниот глас, полн со емоција, остави траен белег во срцата на публиката“, изјави Горјан Стојановски, директор на Фолк Фест Валандово.

Нејзиниот музички пат е изграден врз образование, работа и голема посветеност. Завршила нижо музичко училиште во Прилеп, средно музичко училиште и Виша педагошка академија во Скопје. Работела како наставник во нижото музичко училиште во Прилеп, а три и пол децении била член на хорот при операта на Македонскиот народен театар во Скопје.

Во историјата на Фолк Фест Валандово, Блага Петреска има свое посебно место. Во 1987 година, со песната „Заљуби се“, ја освои првата награда од публиката, признание кое најдобро покажува колку силно нејзината песна допрела до слушателите. Во 2022 година, фестивалот ѝ ја додели и Наградата за трајни вредности, како потврда за нејзиниот значаен придонес кон македонската народна песна и фестивалската традиција.

Низ својата богата кариера, Блага Петреска снимила голем број плочи, ЦД изданија и песни со разни оркестри и музички состави. Нејзината интерпретација секогаш се одликувала со мера, чиста емоција и почит кон песната. Таа припаѓа на генерацијата пејачки кои публиката ја освојуваат со глас, со достоинство и со вистинска емоција во изведбата, емоција на која публиката ѝ верува.

Наградата за животно дело е благодарност за една голема кариера, за песни што останаа меѓу народот и за придонес што има трајно значење за Фолк Фест Валандово и за македонската народна музика.

Фолк Фест Валандово 2026 ќе се одржи на 26 и 27 мај, под слоганот „Да ни е жива песната македонска“. Годинешното, 39-то издание на првиот, единствениот и најреномираниот македонски фестивал за новокомпонирана народна музика носи две вечери посветени на македонската песна, традицијата и фестивалската приказна што со децении го носи името на Валандово низ Македонија, Балканот и пошироко.

На 26 мај, вторник, на плоштадот во Валандово ќе се одржи пред фестивалската вечер со најголемите валандовски хитови и со настапи на Блага Петреска, Елена Велеска, Кате Соната, Христијан Божинов, Мишко Крстевски и Марјан Коцев. Вечерта ќе биде заокружена со мини концерт на Влатко Миладиноски.

На 27 мај, среда, во салата „Јанко Узунов“ во Валандово, ќе се одржи големата фестивалска вечер со 20 нови композиции, под музичко водство на проф. д-р Илчо Јованов. Преносот во живо ќе се емитува на МТВ 1, со почеток во 20.30 часот.

 

Категорија:

ОСТАНАТО ОД РУБРИКА

Поскапуваат бензините и дизелот

Од полноќ повисоки цени на бензините и дизелот, за 2 и 2,5 денари од литар. На денешната редовна седница, Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука за зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,84% во однос на одлуката...

Светски куп во прецизно параглајдинг слетување на спортскиот аеродром Мало Коњари

Во организација на ПК „Скај Рајдерс“ – Прилеп, од 21 до 24 мај на спортскиот аеродром во Мало Коњари ќе се одржи Светски куп во прецизно слетување. На овој куп, кој е еден од трите Светски купови, учество ќе земат 70-ина највисоко рангирани натпреварувачи на светската ранг листа, од вкупно...

ЏК Сеишин – Прилеп со 12 медали на џудо турнирот „Скопје Опен 2026“

На Меѓународниот џудо турнир „Скопје Опен 2026“ за деца, помлади пионери и кадети, во организација на џудо клубовите Ипон и Карпош Џудо Мастер од Скопје, ЏК Сеишин – Прилеп настапи во сите возрасни категории и ги “собра’ медалите  – вкупно 12 медали: 8 златн 2 сребрени и  2 бронзени медали....