Во работна посета на Општина Прилеп беше Шведскиот амбасадор во Македонија, Ола Сулстром. Всушност, тој заедно со градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски и преставници од SALAR, (шведска асоцијација на општини и региони) која ги поддржува општините во двата региона Пелагонискиот и Југозападниот регион во управувањето со отпадот, ја разгледаа фабриката за селекција на отпад кај Алинци, која е дел од проектот „Одржливо управување со општински отпад“ во Македонија, финансиран од Шведска.
Станува збор за прва фабрика од ваков тип во Македонија, со современа технолошка линија за селекција, која што веќе е во завршна фаза и има капацитет да преработува до 10 тони отпад на час.
„Верувам дека Прилепчани го очекуваат стартот на оваа фабрика која треба да донесе нови вработувања и поквалитетна животна средина. За стартот потребно е спроведување на кабелот за електрично напојување. За скоро градежните активности ќе започнат со цел да ја вклучиме под напон оваа фабрика. Неблагодарно е сега да давам рокови, но сметам дека и ден поскоро оваа фабрика да ја пуштиме во употреба, ќе биде од значително поквалитететнаивотна средина за граѓаните на Прилеп. Пуштењето во употреба на фабриката за селекција на отпад би можеле да ја користиме и за комерцијални намени, односно да вршиме услуги за селекција на отпад и на соседните општини и на сите оние кои што би побарале таква комерцијална услуга, затоа што капацитетите на оваа фабрика ги надминуваат дневните потреби за селекција на отпад на општина Прилеп“, рече при оваа прилика градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски.
Амбасадорот на Шведска, во Република Македонија, се запозна со фабриката за селекција на отпад кај Алинци и беше импресиониран од начинот како Општина Прилеп успешно управуваа со отпадот и се грижи за животната средина.
„Особено сме горди што Прилеп и Пелагонија се водечки сили во земјата кога станува збор за управување со отпадот и се дел од овој проект поврзан со управување со отпад. Нашата цел е во насока на поддршка на општините од Југозападниот и Пелагонискиот регион во процесот на подобрување на управувањето со отпадот на локално ниво, помош за апликација пред ЕУ фондови, вклучување во регионалниот систем за управување со отпад, пренесувања на знаења и искуства во депонирање на отпад со здружување во региони. Продолжуваме и понатаму заедно да делуваме за подобрување на состојбата со управувањето со отпадот. Сега сме во Прилеп, зашто сакаме да го поделиме нашето искуство колко е важно управувањето со отпадот со можност тие практики да се применуваат во регионот и Македонија. Остануваме силен партнер заедно градоначалниците од регионот преку организацијата SALAR за делување и заштита на животната средина. Му честитам на градоначалникот на Прилеп, кој остварил голем напредок во оваа управувањето со отпадот.“ рече при оваа прилика шведскиот амбасадор, Ола Сулстром.
Со ставањето во функција на овој капацитет, кое ќе го управува ЈКП „Комуналец“ Општина Прилеп и регионот добиваат современа инфраструктура која ќе овозможи поефикасно раздвојување на отпадот, пластика, хартија, најлон, метал и други рециклирачки материјали. А, тоа значи помалку отпад на депониите и повеќе можности за рециклирање.
Објектот располага со 1300 м2 затворен простор, каде што е поставена линијата за селекција на отпад, како и 5980 м2 надворешен простор наменет за прием на отпад, манипулација на транспортни возила и складирање на селектираните материјали.
Проектот „Одржливо управување со општински отпад“ се залага за подобрување на координацијата и комуникацијата помеѓу националното и локалното ниво за управување на отпад што е од најголемо значење за имплементација на проектот за изградба на регионалната депонија во Новаци. Во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, ЗЕЛС и партнерските општини, проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, финансиран од шведската влада и реализиран од SALAR International работи активно на подобрување на услугите на општините и комуналните претпријатија во секторот отпад во Пелагонискиот и Jугозападниот регион.









