Истражувањето што го спроведе Друштвото за управување со амбалажен отпад „Пакомак“ во март годинава покажало и дека од сите видови амбалажен отпад, Македонците најчесто селектираат пластика. Дури 70,8 % од испитаниците што селектираат одговориле дека редовно селектираат пластични шишиња, а 46,6 % од нив одговориле дека селектираат секаков вид пластичен амбалажен отпад. Втор најмногу селектиран амбалажен отпад е стаклото, дури 45,7 % од оние што селектираат одговориле дека го селектираат. Речиси една третина од испитаниците одговориле дека селектираат хартија, поточно 30,7 % од луѓето што одговориле дека селектираат амбалажен отпад.
Она што е интересно во истражувањето е дека има евидентна разлика во нивото на еколошките навики кај граѓаните на различни општини.
– Оваа година, податоците покажуваат дека Прилеп има најеколошки свесни граѓани, бидејќи дури 49 % од испитаниците одговориле дека секогаш го селектираат амбалажниот отпад. За илустрација, само 8 % од испитаниците од оваа општина одговориле дека никогаш не го рециклираат отпадот. Спротивно на нив, загрижувачки ниска свест за селектирање на отпадот има во општините Куманово, Штип и Струмица, каде што само 2 % од испитаниците одговориле дека секогаш го селектираат отпадот. Најголема незаинтересираност за селектирање има во Општина Тетово, каде што огромни 59 % од испитаниците рекле дека никогаш не селектираат отпад – информираат од „Пакомак“.
Споредено со резултатите од претходните истражувања, од „Пакомак“ забележуваат дека постепено расте свеста за селектирањето отпад, а граѓаните стануваат поактивни во однос на постапувањето и фрлањето на отпадот.
Истражувањето се спроведува секоја втора година, а овој пат дел од него биле 1.200 испитаници од различни старосни групи и различни градови од земјата. Во истражувањето биле вклучени жители од Скопје, Битола, Прилеп, Велес, Охрид, Тетово, Струмица, Штип и од Куманово.









