Цената на течниот нафтен гас – плинот од денеска е пониска, откако на пазарот е регистрирано намалување и во малопродажбата и во трговијата на големо.
Од полноќ „Макпетрол“ ја намалил малопродажната цена на плинот за 5 денари по литар – од 59 на 54 денари. Истовремено, во трговијата на големо е евидентирано намалување од 10 денари по килограм, што во пресметка значи приближно 5 денари по литар.
„Она што е особено значајно е дека и останатите компании на пазарот го следат овој тренд. Во малопродажба, цените на течен нафтен гас на бензинските станици веќе се намалени во распон од 5 до 6 денари по литар и се движат од 53 до 54 денари,“ потенцираше на прес-конференција портпаролот на Владата Марија Митева која изрази благодарност за општествената одговорност која што е покажана.
Според Митева мерката е преземена врз основа на детална анализа спроведена од Државниот пазарен инспекторат, дека биле детектирани просторите за корекција во ценовната структура, по што следувале разговори со трговците и постигнување договор за намалување на бруто маржите за течниот нафтен гас (ТНГ).









